X
 14.10.2022 Наша тема

Запознајте го тимот што им дава живот на ликовите од „Светот на Биби“

Веќе четири години „Светот на Биби“ ги освојува детските срца. Четири години децата растат со Биби, се смеат, се забавуваат, учат... И целиме уште повисоко и ветуваме уште многу минути радост, многу редови приказни и сето тоа зачинето со љубов

Од заштитен лик за порталот за деца и родители „Деца.мк“ до главна протагонистка на „Светот на Биби“ и омилен лик и идол на многу деца. Вака еволуира ликот на Биби, која денеска слави четврти роденден. Секогаш подготвена да сподели совети, убаво однесување, да помогне онаму каде што е потребна, да укаже на грешки, несебично да подари љубов, радости, позитивна енергија. Затоа и децата ја обожаваат и ја имитираат. Од добрите примери лесно се учи.

Стојче Коко Ѓоргиев, Марјан Алексовски и Жарко Стојаноски, творците на „Светот на Биби“, приказната ја почнаа кон крајот на 2017 година во канцелариите на Факултети.мк. Тхе Мичо го нацрта разиграниот лик, Слаѓана Вујошевиќ го позајми гласот, во моделирање на особините и карактерот се вклучи Билјана Црвенковска, а во делот на режија Гоце Цветановски.

- Процесот на изработка на првиот цртан филм - „Азбуката на Биби“ траеше 5 месеци. Отворивме јутјуб-канал и преку Факултети.мк и Деца.мк почнавме со промоција на првиот цртан филм со македонска азбука. На 14 октомври беше премиерата, а за две недели веќе имавме над 100.000 прегледи - споделува Коко.

Оттогаш приказната се шири со невидени размери. Со сказни, книги, сликовници, видеа, специјализирани продавници, Бибиверзум, специјална училница, кобрендирани производи со Биби и Боби со „Бекутан“, едукативната платформа video.bibi.mk со над 1.000 минути оригинална анимирана содржина со Биби и Боби на македонски јазик, потпишување договор за издаваштво со „Лагуна“ - Србија, договор за дистрибуција со „Видеоплагер“ и многу награди, признанија... Следно што се „крчка“ во кујната на „Светот на Биби“ е 30-минутен новогодишен филм со Биби и Боби, чија премиера ќе биде на почетокот од декември.


Димитар Аризанов

Омилен дел од работата ни е кога ликовите почнуваат да се полнат со живот

Она што буквално ги движи Биби и целата дружина е тимот на аниматори. Тие се потпишуваат на сите скокови, трепкање со очите, потпевнување, прошетките низ шумата, мрдање со ушите, играње криенка... Прв на тим-листата е Димитар Аризанов - или човекот на кој му се обраќаш кога имаш какво било прашање од областа на анимација, илустрација, монтажа и што уште не. Потоа, Јосип Здравковски - секогаш динамичен и спремен да најде решение на секој проблем. Андреја Стојановски, кој е како нинџа, не го гледаш, а анимацијата готова. Кристина Карапеоска - нашата мила вештерка која со своето волшебно стапче прави ликовите да летаат, да играат, да се превртуваат. Тука е и Иван Ѓекиќ - мајстор за ригување и најголем ентузијаст. И Викторија Енѓуллу - која не е аниматор, но ги придвижува конците на аниматорите.


Јосип Здравковски

Како се склопува анимација или видео од Биби?

- Откако ќе се запознаеме со сценариото и раскадровката, се преминува на аниматикот, каде што добиваме појасна претстава за поединечните движења на ликовите. Со комплетирана анимација, подоцна истите се местат во композиција (лејаут) и се гледа приближниот финален резултат. Секако, секој од процесите е подложен на корекции со цел да се достави видео/сказна која би била спремна за прикажување.

Колку време е потребно за да се комплетира една епизода? Да се прогласи за завршена?

- Потребни се повеќе чекори за комплетирање на една епизода. Дел од нив се споменати погоре, но откако завршува запознавањето со сценариото и ќе се добие аудиофајл за него, се преминува во анализа на аниматик и првично поставување на анимацијата. Некој процес трае подолго, некој пократко, во зависност од комплексноста за изведба. Но генерално ни се потребни 3-4 недели за реализација на сказна.


Андреја Стојановски

Кој е најделикатниот момент во изведбата на анимацијата? На што е потребен екстра фокус?

- Секој аспект на анимацијата си има своја тежина. Доколку клучните пози на карактерот не се во ред, тоа го продолжува процесот на доработка. Тајмингот, исто така, е битен (растојанието меѓу две клучни пози). Потоа, откако ќе се завршат карактерите, се гледа како тие и нивните движења соодветствуваат во композицијата како целина. И тоа е процес поради кој некогаш треба да се преработи самата анимација.

Дали некој од ликовите е покомплексен за реализација? И кој лик е најлесен за анимирање?

- Зависи од комплексноста на кадарот и акцијата на ликот. Не секогаш должината на кадарот ја диктира неговата тежина. Вообичаено, пократките кадри се тие со најмногу акција (трчање, скок, прикрадување итн.) Најлесен за анимирање е Боби.

Кој ви е омилен дел од работата при оживувањето на Биби и дружината? И омилен лик?

- Кога сфаќаме дека од флет-илустрација ликовите почнуваат да зборуваат, мрдаат и да се полнат со живот, а воедно и да ги збогатуваат животите на најмалите. Омилен лик на повеќето ни е Дедо Мраз од Заз бидејќи е најнеобичен и е особено забавен лик.


Кристина Карапеоска

Што ви е предизвик кога работите на нова епизода?

- Секогаш се предизвик новите ликови и како да ги оживееме, како и динамичните кадри.

Како држите чекор со најновите трендови?


- Визуелните ефекти се менуваат и се подобруваат со забрзано темпо, особено во последниве неколку години. Секогаш ги следиме најновите трендови во светот на анимацијата и секогаш се обидуваме да внесеме новости во градењето и анимирањето на ликовите од „Светот на Биби“.


Иван Ѓекиќ

Кои мотивациски мисли ја стимулираат вашата креативност и имагинација?

- Имаме неколку, но особено ни е забавна една од нашиот оригинален арт-директор Тхе Мичо: „Троа имагинација и лабаво, цртани прајме“.
Подготвил: Сања Јачевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема