Проектот „Светот на Биби“ ќе биде претставен пред продуценти, инвеститори од цел свет на Форум за цртани филмови (Cartoon forum), кој ќе се одржи во септември во Тулуз, Франција. Во конкуренција на повеќе од 1.000 проекти, „Светот на Биби“ влезе во 80. што ќе добијат можност да се претстават. Тимот на „Светот на Биби“ ќе има десет минути за да ја претстави приказната на Биби, Боби и Зази пред продуценти, емитувачи, автори.
На форумот, кој ќе се одржи од 16 до 19 септември, ќе учествуваат претставници на 38 земји. „Вие креирате, ние ве поврзуваме“ е мотото на овој форум.
Од основањето во 1990 година досега биле финансирани 774 проекти со вкупен буџет од 2,7 милијарди евра.
Cartoon forum е единствен настан кој се фокусира на пичинг-сесии на ТВ-проекти, каде што продуценти од областа на анимациите можат да најдат свои партнери. Пичинг-сесиите се клучен елемент на овој форум. Секој проект се презентира пред потенцијални партнери собрани во иста просторија.