X
 18.06.2021 Живот

5-минутно правило што го применуваат емоционално интелигентните луѓе

Како и обично, иако имам еден тон работа, јас седам додека три големи проекти зјапаат во мене, а требаше да се подготвам и за состанок. Роковите се приближуваат.

Тогаш, зошто го гледам монологот на Илон Маск во „Сатрдеј анјт лајв“ наместо да работам?

Одговорот е поврзан со причината зошто многумина од нас одложуваат. Кога се соочуваме со тешка задача, лесно стануваме презаситени. Бараме утеха во форма на попријатни активности и активности што нѐ одвлекуваат од тоа чувство на презаситеност.

Единствениот проблем е колку повеќе утеха чувствуваме, толку повеќе сакаме да избегнеме да го работиме она што треба да го сработиме.

Колку подолго избегнуваме да работиме, толку повеќе се вознемируваме за претстојната пропаст што нѐ чека, ако не ги завршиме сите задачи.

И, се разбира, колку повеќе се вознемируваме, толку е поголема шансата нашите задачи да не бидат завршени - правејќи ја ситуацијата еден вид самоисполнувачко пророштво.

Но, постои начин да се прекине овој маѓепсан круг. Станува збор за техника што се базира на принципите на емоционална интелигенција, способност ефикасно да се идентификуваат, разберат и управуваат емоциите.

pravilo
Фото: Freepik

Најдобро од сѐ е тоа што техниката е далеку поедноставна отколку што може да очекувате и се нарекува правило од пет минути.

Како функционира ова петминутно правило?


Во гореспоменатата ситуација мозокот е презаситен од очекувањето да се обиде да ја заврши задачата што е пред вас: Колку време ќе трае и колку тешко ќе биде? Но, огромните, предизвикувачки задачи обично не се завршуваат наеднаш. Наместо тоа, најдобро е да се извршуваат дел по дел. Токму тука влегува петминутното правило.

Функционира на овој начин: вие се присилувате да работите на задача само пет минути, со разбирање дека може да се откажете, ако сакате, по пет поминати минути.

Со оваа нова состојба мозокот е „измамен“ за поинаку да ја гледа вашата огромна задача. Тоа е исто како мозокот да си каже: „Пет минути не се ништо. Тоа е помалку време од видеото што требаше да го гледаме на Јутјуб. Можеме да се справиме со пет минути“.

Се разбира, откако ќе ги завршите првите пет минути, толку ќе бидете вовлечени во задачата, што ќе продолжите. Дури и да не е така, петминутното правило веќе ви помогне да преминете голема пречка: отпочнувањето на задачата.

Затоа, следниот пат кога задачата луто ќе гледа во вас, а вие залудно го трошите утрото, запомнете го овој едноставен мал емоционално интелигентен трик.

Бидејќи, поголемиот дел од времето, пет минути е сè што ви треба.

Автор: Џастин Барисо
Извор: Inc.com
Фото: Pixabay
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот