X
 18.07.2022 Живот

Продажбата на нови автомобили во Европа не била толку лоша уште од 1996 година

Продажбата на нови автомобили во Европа го допре дното. Во текот на јуни биле продадени само 1,06 милион автомобили, што е најлоша продажба за тој месец од 1996 година наваму. Во споредба со истиот месец од минатата година, некои производители забележале пад на продажбата од речиси 50 отсто.

На пример, „Фолксваген“ овој јуни продал речиси 25 отсто помалку автомобили во споредба со истиот месец лани, а „Стелантис“ во првата половина од годинава имал пад на продажбата од 21,2 отсто во споредба со истиот период лани.

Во „Волво“ падот е уште поголем. Во споредба со минатиот јуни, тие продале 47,9 отсто помалку автомобили, а на ниво на првата половина од годинава падот изнесува 28,5 отсто. „Јагуар ленд ровер“ во првите шест месеци од годинава, пак, бележи пад од 34,7 отсто, што е најмногу од сите производители.

Причините за катастрофалните резултати се многубројни, но врз падот најмногу влијае недостигот на чипови и други материјали и компоненти предизвикан од нарушувањето на синџирите за снабдување и војната во Украина. И купувачите сѐ помалку избираат нови автомобили поради високите цени, инфлацијата и стравот од големи економски кризи.

Продажбата на нови автомобили е во постојан пад веќе 12 месеци, а тоа особено се чувствува на најголемите пазари во ЕУ: Германија, Франција, Шпанија и Италија.

Извор: Jutarnji
Насловна фотографија: Pixabay
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот