X
 20.09.2018 Живот

Градот кој ја замени бучавата од автомобилите со црцорење на птиците

Луѓето во Понтеведра не викаат. Или викаат помалку. Но, со протерувањето на автомобилите нема турирање, свирење или, пак, викање од луѓе што се трудат да бидат слушнати покрај вревата - нешто што е вообичаено за шпанските градови.

Наместо тоа, низ улиците на градот може да се слушнат црцорење на птици, ѕвечкање на лажички во шолја со кафе и човечки гласови. Наставниците ги шетаат децата низ градот без да се плашат дека некое ќе залута во сообраќајот.

- Пред да станам градоначалник, 14.000 автомобили минуваа низ оваа улица секој ден. Бројот на автомобили што минуваа низ градот дневно беше поголем од бројот на луѓе што живеат тука - истакнува градоначалникот Мигуел Анксо Фернандес Лоренс.

Неговата филозофија е едноставна: поседувањето автомобил не ви дава право да го окупирате јавниот простор.

- Како може постарите или децата да не можат да ја користат улицата поради автомобилите? Како може таа приватна сопственост - автомобилот - да го окупира јавниот простор - прашува Цезар Москера, градскиот челник за инфраструктура.

Лорес стана градоначалник по 12 години поминати во опозиција и за еден месец ги направил пешачки зони сите 300.000 квадратни метри од средновековниот центар.

- Историскиот центар беше мртов. Имаше многу дрога, беше маргинална зона - вели тој и објаснува како сите луѓе што можеле си заминувале.

Затоа градските власти решиле да се ослободат од автомобилите и да им го вратат јавниот простор на жителите. Го запреле преминувањето на автомобилите низ градот и се ослободиле од уличните паркинзи. Ги затвориле сите површински паркинзи во центарот на градот и отвориле подземни и други на периферијата со 1.686 слободни места. Се ослободиле од семафорите и направиле кружни текови, ја прошириле зоната ослободена од автомобили и брзината во надворешните зони ја ограничиле на 30 километри на час.

Придобивките се многубројни. На истите улици каде што 30 лица ги загубиле своите животи во сообраќајни несреќи во периодот од 1996 до 2006 година само тројца умреле во следните десет години, а од 2009 година немало смртен случај. Емисиите на јаглероден диоксид се намалени за 70 отсто и додека другите градови во регионот се намалуваат, Понтеведра добила 12.000 нови жители.

- Ако некој сака да се венча во зоната каде што се забранети автомобилите, невестата и младоженецот може да дојдат со автомобил, но сите други мора да пешачат. Исто е и со погребите - објаснува Лорес.

Локалните архитекти објаснуваат дека градот има совршена големина за да може да се прават пешачки зони бидејќи целиот град може да се помине за 25 минути. Некои жители се жалат дека има метеж во сообраќајот во зоните каде што автомобилите се дозволени и дека нема транспорт од периферните паркинзи до центарот. Сепак, тие ја сакаат леснотијата со која се живее во овој град.

- Сум живеел во Мадрид и на многу други места и за мене ова е рај. Дури и ако врне, јас пешачам - вели Ракел Гарсија и додава дека градот е одлично место за деца.

Сите работи во градот биле финансирани локално и не добиле помош од регионалната или централната власт.
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот