X
 30.09.2022 Наука

Во Перу пронајдени скелети на 76 деца: Археолозите тврдат дека откриле траги од брутални ритуали

Археолозите велат дека никој не замислувал дека ќе наидат на толку многу скелети од деца и лами, со траги што укажуваат на бруталната ритуална практика на жртвување меѓу народот Чуму во северните делови на Перу.

Народот Чиму е еден од автохтоните народи во Јужна Америка. Некогаш живеел во пустинскиот појас помеѓу Пацификот и Андите.

Во првата половина на 14 век тие развиле сложена цивилизација, со големи градови кои имале системи за наводнување. Нивната главна дејност била земјоделството, иако со текот на времето станале познати по разнобојните ткаенини и грнчарството. Сепак, иако на прв поглед се чини дека станува збор за мирна заедница на фармери кои слободното време го користеле за да произведуваат шарени предмети, денес се знае дека практикувале брутални ритуали како жртвување деца. Ја обожувале Месечината и верувале дека е помоќна од Сонцето.


skelet
Фото: Huanchaco Archaeological Program

Денес, регионот Хуанчако е познат по масовните гробници со останките од децата, а една од најголемите беше откриена во 2018 година, кога биле ископани повеќе од 140 момчиња и девојчиња на возраст од 5 до 14 години. По антрополошките анализи, научниците заклучиле дека децата биле убиени при масовно колење за старешините на нивните заедници да се „смират“ со боговите, додека на некои скелети биле пронајдени траги што посочуваат дека нивните срца биле отстранети за време на ритуалот.

До слично откритие неодамна дошле и на археолошкиот локалитет Пампа Ла Круз во Перу. Археолозите пронашле остатоци од вкупно 76 деца кои биле положени со нозете кон исток, а со главата кон запад - карактеристична практика при погребувањето на ритуалните жртви на народот Чиму.

Според археолозите, една од гробниците содржела повеќекратно погребување со скелети на пет деца поставени во седечка положба и распоредени во круг.

Со новите откритија, вкупниот број на жртви се искачи на 302, а било утврдено дека биле убиени во периодот помеѓу 1050 и 1500 година.

Џон Верано, професор по антропологија на Универзитетот „Тулејн“, објаснува дека овој локалитет отвора ново поглавје за практиката на ритуалното жртвување деца меѓу античките народи.

- Ова археолошко откритие беше изненадување за сите нас. Не сме виделе нешто слично досега, ниту етноисториски извори ниту историски извештаи не укажувале на жртвување деца и лами на овој начин и во толкав број кога станува збор за северниот дел на Перу - вели професорот Верано.

Резултатите од антрополошките тестови и ДНК-тестовите објавени во списанието „ПЛОС Уан“ укажуваат дека дури и на новооткриените скелети има видливи траги од исеченици во пределот на градниот кош, што сугерира дека за време на ритуалот на брутален начин им ги отстранувале срцата.

Оваа практика се спроведувала до 1470 година, кога владетелот на Инките, Тупак Јапанки, го покорил народот Чима и презел дел од неговата политичка организација, знаење за инженерство и системи за наводнување.

Извор: National Geographic
Фото: Huanchaco Archaeological Program
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука