Денот на еколошкиот долг е поместен за повеќе од три недели во однос на минатата година бидејќи пандемијата на Ковид-19 предизвикала нагло намалување на човековите активности.
Мрежата за глобален човечки отпечаток пресметала дека денот на еколошкиот долг паѓа на 22 август, кога се преминува замислената граница на одржлива потрошувачка на Земјините ресурси и таканаречените екосистемски услуги за 2020 година.
Тоа е големо поместување од минатогодишниот пресек, до кој дојде најрано досега - на 29 јули, а воедно е и најдобриот резултат од 2005 година.
Според истражувањата на мрежата, ова може да се припише на намалениот број патувања и на забавувањето на економијата поради пандемијата.
Меѓутоа, затоа што е наметнато, значи дека ќе биде привремено. Човековиот вид продолжува од природата да бара толку ресурси како да имаме на располагање 1,6 планета.
На денот на еколошкиот долг човековиот вид ќе ги потроши сите природни ресурси што Земјата може да ги обнови за една година - што ја вклучува и способноста на природните екосистеми за апсорпција на емисиите на јаглерод настанати со согорување на фосилните горива.
Фото: OvershootDay
Македонија уште минатиот месец, поточно на 22 јули, го поминала својот ден на еколошкиот долг.
Во регионот сите земји веќе го поминале својот ден на еколошкиот долг освен Албанија. Оваа земја без термоелектрани на јаглен својот теоретски кредит ќе го исцрпи дури на 24 октомври.
Словенија повторно прва во Југоисточна Европа го надмина својот капацитет - на 26 април. Грција на 19 мај, Хрватска на 31 мај, Босна и Херцеговина на 10 јуни, Црна Гора на 12 јуни, Бугарија на 22 јуни, Србија на 18 јули.
Извори:
BizLife,
OvershootDay
Насловна фотографија: Pixabay