X
 18.10.2022 Култура

Пет мини-серии што ќе ги изгледате во еден здив

Трендот на мини-серии ги зафати речиси сите најпознати стриминг-платформи, а сега имаме можност често да уживаме во дела кои имаат помалку од 10 епизоди.

Без разлика дали сте претплатени на „Нетфликс“, „Амазон прајм“, „Ејч-би-о“ или друга платформа, сигурно имате забележано дека ова е доста чест тренд. Без оглед на тоа дека денес имаме помалку време да гледаме долги сезони кои траат бесконечно, мини-сериите заслужуваат посебно внимание.

Ни претстојат тешки, дождливи есенски денови, па повеќето од нас би сакале да имаме список со интересни серии од по 10 епизоди што ќе ни го привлечат вниманието и ќе можеме да ги изгледаме во еден ден.

1. „Невин“ (El Inocente)




Објавена на „Нетфликс“ минатата година, оваа серија уште еднаш докажа дека Шпанците се мајстори за правење одлични трилери. Марио Касас (ѕвезда на филмот „Три метри над небото“) е маестрален во улогата на човек кој не го познава доволно претходниот живот на својата сопруга. Серијата ќе ве натера да размислувате како детективи и да се запрашате каков би можел да е крајот.

2. „Слом“ (The Undoing)




Дејството на серијата е сместено во Њујорк, а станува збор за навидум совршен брачен живот на пар од Менхетн. Но, дали е сè толку идеално? Изгледа дека не е, кога ќе се појави убиена жена која е поврзана со главните актери на приказната (Никол Кидман и Хју Грант). Како и секоја криминална приказна, и овде првата епизода започнува со убиство. Но, кога ќе се случи убиство во елитното училиште на Менхетн, правилата се малку поинакви.

3. „Зад нејзините очи“ (Behind Her Eyes)




Уште едно остварување на „Нетфликс“, овој пат британско издание. Во сите 6 епизоди ќе бидете напнати, шокирани и заинтригирани. Кога се согласува да спие со маж што го запознала во клуб, самохраната мајка Луиз не можела да претпостави дека заедно со него ја добива и неговата ментално болна сопруга.

4. „Полноќна миса“ (Midnight Mass)



Полноќна миса е американска натприродна хорор мини-серија. Сместена во измислен островски град, чии жители едвај преживуваат занимавајќи се со риболов, серијата следи млад човек кој се враќа во својот роден град од големиот град по отслужувањето на затворската казна. Подготвен е да се искупи за своите гревови и нема поим дека во неговиот роден град доаѓа невидено зло кое со векови се крие.

5. „Седум секунди“ (Seven Seconds)



Полициска драма во која глумат Реџина Кинг и Клер-Хоуп Ашити. Кинг глуми мајка која тагува поради смртта на нејзиниот син, млад црнец кој е убиен од бел полицаец во сообраќајка. Ашити е обвинителка која се обидува да најде правда во систем кој е против неа и против младото момче кое бесмислено го загуби животот.

Извор: Bizlife.rs
Фото: Screenshot/YouTube
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура