X
 18.11.2020 Наука

Дали коронавирусот ќе еволуира да биде помалку смртоносен?

Ниту една смртоносна пандемија не трае вечно. Грипот од 1918 година, на пример, однесе десетици милиони животи, но до 1920 година вирусот што го предизвика стана значително помалку смртоносен, предизвикувајќи само обичен сезонски грип. Некои пандемии траат подолго, како црната чума, која ја покоси Централна Азија во 1346 година, се прошири низ цела Европа и на крај уби една третина од жителите на Европа, Блискиот Исток и делови на Азија. Но, и на таа пандемија ѝ дојде крајот, по речиси седум години откако почнала, веројатно затоа што бил развиен колективен имунитет.

Колку што можат да кажат научниците и историчарите, бактеријата што ја предизвикала црната чума никогаш не ја изгубила својата вирулентност или смртност. Но, патогенот одговорен за пандемијата на грип во 1918 година, кој сè уште талка низ планетата како вид сезонски грип, еволуира во помалку смртоносен и можно е патогенот за пандемијата Х1Н1 во 2009 година да го направил истото. Дали САРС-КоВ-2, вирусот што го предизвикува Ковид-19, ќе следи слична траекторија? Некои научници велат дека вирусот веќе еволуирал на начин што го олеснува пренесувањето. Но, кога станува збор за можно опаѓање на вируленцијата, повеќето велат дека е премногу рано да се каже. Погледот кон минатото, сепак, може да понуди некои индиции.

Идејата дека циркулирачките патогени со текот на времето постепено стануваат помалку смртоносни е стара. Се чини дека потекнува од делата на Теобалд Смит, лекар од 19 век, кој прво сугерирал дека постои „деликатна рамнотежа“ помеѓу паразитот и домаќинот и тврдел дека со текот на времето смртноста на патогенот би требало да се намали, бидејќи навистина не е во интерес на микроорганизмот да го убие својот домаќин. Овој поим останал конвенционална мудрост многу години, но во 80-тите години истражувачите почнале да ја оспоруваат идејата.

Во раните 80-ти години математичките биолози Рој Андерсон и Роберт Меј предложиле дека микроорганизмите најдобро се пренесуваат кога домаќините испуштаат многу патоген, што честопати може да значи кога се прилично болни. Ако сте навистина болни, тогаш испуштате многу вируси, што му олеснува на следниот домаќин да го земе. Значи, вирулентноста и преносливоста одат рака под рака, сè додека микроорганизмот не стане толку смртоносен, што набрзо ќе го убие својот домаќин и со тоа нема да може воопшто да се шири. Ова е познато како преносителна-вирулентна размена. Најпознат е примерот со вирусот миксома, патоген воведен во Австралија во 1950 година за земјата да се ослободи од зајаците. Првично, вирусот убил повеќе од 90 отсто од австралиските зајаци што биле заразени. Но, со текот на времето зајаците развиле отпор, микроорганизмот од миксомот опаднал во вирулентноста, а и зајаците и микроорганизмите останале во несигурна рамнотежа некое време.

Втората теорија, развиена од еволутивниот епидемиолог Пол Евалд, која тој ја нарекува теорија на вирулентност, посочува дека како правило, колку е посмртоносен вирусот, толку е помала веројатноста за ширење. Причината: Ако жртвите брзо се имобилизираат (помислете на еболата, на пример), тогаш тие не можат лесно да ја шират инфекцијата. Со ова размислување, ако микроорганизмот бара домаќин што се движи за да се шири, неговата вирулентност ќе се намали. Теоријата на вирулентноста препознава дека многу микроорганизми ќе развијат помала вирулентност бидејќи циркулираат и се приспособуваат на човечката популација. Но, теоријата на Евалд вели дека микроорганизмите имаат свои стратегии за ширење, а дел од нив им овозможуваат да одржуваат висока вирулентност и преносливост.

Трајноста е една од тие стратегии. Вирусот вариола, кој предизвикува сипаници, е издржлив на надворешна средина и може да има висока стапка на смртност, од 10 до 40 отсто. Едвалд ги нарекува овие патогени „седи и чекај“. Некои смртоносни инфекции се шират од многу болни домаќини преку болви, вошки, комарци и крлежи. Други, како колерата, се шират во вода. Трети, пак, како стафилококата, се шират во болница, од луѓе што се грижат за пациентите. Сите овие стратегии можат да го спречат микроорганизмот да стигне до пониска вирулентност.

virus
Електронска микроскопска слика на човечка клетка (виолетова) силно заразена со
честички на вирусот САРС-КоВ-2 (жолта)
Фото: National Institute of Allergy and Infectious Diseases / NIH

Што сугерираат овие еволутивни теории за САРС-КоВ-2 и неговата траекторија? Дали вирулентноста на новиот коронавирус ќе опадне бидејќи циркулира од личност до личност низ целиот свет?

САРС, епидемијата што избувна во 2002 и траеше до 2003 година, нуди интересен контраст. Вирусот се пренесуваше доцна во текот на инфекцијата, од луѓе што беа многу болни, и зарази 8.000 луѓе, убивајќи 774, пред да престане да постои, по големиот глобален напор да се изолираат болните пациенти. Но, САРС-КоВ-2 се пренесува рано при инфекцијата. Не постои неопходна врска помеѓу преносливоста и сериозноста. Дури и асимптоматските случаи може да исфрлат значителни количини на вирусот и не мора да значи дека ризикот е поголем ако сте имале контакт со поболни луѓе.

Затоа, се чини мала веројатноста дека текот на еволуцијата на САРС-КоВ-2 строго ќе го рефлектира моделот на размена на вирулентност на Андерсон и Меј. За да ја предвиди еволутивната траекторија на САРС-КоВ-2, Евалд се насочува кон издржливоста на вирусот. Тој посочува дека заразните честички на различни површини траат со часови и денови. Според тоа, тој тврди дека САРС-КоВ-2 најверојатно ќе еволуира во вирулентноста до нивото слично како кај сезонскиот грип, со типична стапка на смртност од 0,1 отсто.

Но, и понатаму нема начин да се биде сигурен како ќе се движи овој вирус. Дури и сегашната стапка на смртност е неизвесна бидејќи разликите во тестирањето од земја до земја го прават невозможно целосното пресметување на глобалните инфекции. Сепак, научниците можеби веќе забележале еволутивна промена на вирусот, иако очигледно во насока на зголемена преносливост, а не на помала вирулентност. Истражувачки тим предводен од Бет Корбер, компјутерски биолог од Националната лабораторија „Лос Аламос“, сугерира дека новиот вид е поинфективен од првичниот.

- Во овој момент тешко е дека може да се земе примерок од оригиналниот вирус од Вухан. На почетокот на март вирусот беше поинаков отколку што е денес - вели Корбер.

Евалд очекува да види докази дека САРС-КоВ-2 ќе оди по патот: висока преносливост, помала вирулентност. Сепак, тешко е да се анализира вирусната еволуција поради подобрувањето на тестирањето, третманот и физичкото дистанцирање. Ова значи дека пациентите се хоспитализирани и третирани порано, со што имаат поголема шанса за преживување.

Како и чумата, и Ковид-19 е скриена инфекција, а тоа на крајот може да ја забави еволуцијата кон помала вирулентност. Јерсинија пестис, микроорганизмот што предизвикува чума, го намалува раниот имунолошки одговор, така што заразените луѓе може да патуваат и да ја шират инфекцијата со денови пред да се почувствуваат болни. Слично на тоа, луѓето заразени со САРС-КоВ-2 се способни да заразат други пред да почувствуваат симптоми. Овој лукав начин на ширење на вирусот може да ја направи еволуцијата на пониска вирулентност помалку веројатна, бидејќи заразените, но и асимптоматските луѓе се совршени мобилни вирусни системи за зараза.

Но, според вирусологот Винсент Рачинело од Универзитетот во Колумбија, дури и без еволутивен процес што ќе го натера САРС-КоВ-2 да оди кон патот на помала вирулентност, вирусот може да влијае врз луѓето поинаку. Тоа значи дека ако сте изложени на вирусот додека сте мали (кога се чини дека вирусот никако не влијае), а потоа повторно и повторно во зрелоста, ќе добиете лесна инфекција.

Во споредба со вирусите на грип, коронавирусите се постабилни и помала е веројатноста да еволуираат како одговор на веќе постојниот имунитет. Како резултат, експертите тврдат дека безбедните и ефикасните вакцини се најдобра шанса против нив. Таквиот исход ќе означи крај на оваа сегашна пандемија. Сепак, дури и тогаш, експертите веруваат дека некоја верзија на вирусот ќе продолжи да циркулира, можеби како обичен вирус на настинка или повремено смртоносна епидемија кај невакцинираните, многу години во иднина, ако не и засекогаш.

Извор: Smithsonianmag.com
Фото: Freepik
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука