X
 03.12.2020 Наука

Колку долго може да останете во продавница без опасност да се заразите со Ковид-19?

Здравствените експерти понудија неколку совети за да се заштитите од Ковид-19 кога сте во продавница и тие исто така открија колку време е доволно да поминете во продавницата за да купите сè што ви треба.

- Се чини дека половина час е вистинското време - вели Линзи Мар за „Њујорк тајмс“ во врска со тоа колку време сте безбедни во продавница додека пазарувате. Мар е научник за аеросоли во „Вирџинија тех“ и еден од водечките светски експерти за пренесување болести преку воздухот.

Д-р Мајкл Остерхолм, член на советничката група за коронавирус на новоизбраниот претседател Бајден, се согласува со тоа и додава дека времето на изложеност е навистина важно.

- Не сметајте дека маската ќе ви биде 100 отсто заштита. Важно е и времето на изложеност - вели д-р Мајкл.

Мар советува да направите список за купување, да носите маска, да не го допирате лицето и да држите растојание. Таа забележува дека временскиот рок од 30 минути не се базира на одредено истражување, туку на работата на експертите за вентилација и други научници што го анализирале ширењето на вирусот.

Планирајте го купувањето


Мар советува да избегнувате да одите во продавница во период кога има најмногу метеж, а треба да го ограничите и контактот со другите луѓе. Не се препорачува да одите во продавница во сабота од 12 до 15 часот бидејќи податоците од „Гугл мапс“ покажале дека тогаш повеќето луѓе одат да пазарат. Најмал метеж во продавниците има во понеделник во 20 часот.

Мар наведува дека не е потребно да се дезинфицира количката за купување, но да бидете многу внимателни и да не го допирате лицето. Не треба да носите ракавици, доволно е да ги измиете рацете веднаш откако ќе завршите со купувањето. Се препорачува бесконтактно плаќање, а вие можете да си земете и сопствена кеса за храната.

Во раните денови на пандемијата луѓето ги дезинфицираа и намирниците, но научниците откриваат дека шансите да се заразат на овој начин се многу мали. Д-р Мар забележува дека дури и ако заразено лице ги допрело намирниците што сте ги купиле, сепак вашите раце се оние што претставуваат поголем ризик од пренесување. Затоа таа посочува дека миењето раце е клучно за заштита.

Извор: 6yka.com | New York Times
Фото: Freepik
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука