X
 19.02.2015 Образование

Како да ја изберете темата за дипломска?

После многуте испити, предавања и сѐ она што го носи студентскиот живот со себе, пристигнува и моментот студирањето да го доведете до крај и да го заокружите со вашата дипломска.

Моментот кон кој се насочувате уште од денот кога сте се запишале на факултет конечно е пред вас, сега треба да покажете и да го сумирате целокупниот ваш студентски „стаж“.

Првиот чекор кон вашата цел и успешно положена дипломска била избирање на темата. Можеби ви се чини како лесен предизвик, но бидете уверени дека ве чекаат многу замки уште на самиот почеток. Доколку згрешите уште при самиот избор на темата за дипломска, проблемот ќе се зголемува и влегувате во опасност да не ја реализирате целта. За да не се најдете во ваква ситуација, потребно е да ги согледате потенцијалните проблеми на кои морате да обрнете внимание кога ја избирате темата за дипломска.

Не можеме да го оспориме фактот дека изборот на темата за студентите е најтешкиот и најважниот дел. Најголемиот проблем со кој можете да се сретнете е доколку ја избирате темата, меѓутоа немате идеја што да правите со неа.

Кога станува збор за теми, пред вас се две опции - темата може да ви ја предложи професорот или можете да ја изберете сами. Секако се препорачува сами да ја изберете, секако со консултација со вашиот ментор. Доколку сами одлучите да предложите тема, од професорот мора да барате одобрување. Кога ќе му го кажете вашиот предлог, бидете подготвени да ја образложите причината зошто сакате да биде таа тема, меѓутоа внимавајте на одговорот. Одговорите како „затоа што ми се допаѓа или интересна е“ не доаѓаат во предвид. Вооружете се со аргументи и внимавајте на следните работи пред да одите на консултации.

Дали темата е изводлива?

Бидете искрени кон себе кога станува збор за изборот на вашата тема. Доколку немате многу време да се посветите на некоја тема, тогаш добро би било да изберете некоја тема која нема да бара премногу работа.

Дали има достапна литература?

Појдовната точка за секој труд е секако литературата. За изработка на дипломски труд потребно е голем број извори и литература, домашна и странска. Под достапна литература се подразбираат сите пишани и електронски извори, а најдобро би било да започнете од основната литература, а подоцна и со препорака на менторот. Најголемата грешка којашто можете да ја направите е да изберете тема, а да не ја проверите достапноста на литература и материјал за неа.

Колку темата е актуелна и интересна?

Важно е добро да размислите за тоа што сакате да пишувате. Немојте да ја избирате темата водени со идејата дека таа е лесна и дека за брзо време и без многу мака ќе ја завршите дипломската. Веруваме дека ви се брза и сакате да го завршите факултетот, но сега имате избор да се усовршите на одредена тема која ве интересира. Затоа изберете ја во согласност со вашите желби и знаење.

Дали темата е прецизно дефинирана?

Секоја тема е специфична на свој начин и затоа е потребен посебен пристап. Потребно е да го дефинирате подрачјето на работа, за да не лутате додека пишувате. Исто така, треба да избегнувате премногу ошти теми бидејќи тие кријат замки.

Како да го изберете менторот?

Улогата на менторот во самиот процес на изработката на дипломски труд е голема. Во зависност од тоа дали сте избрале добар ментор, можете да сметате на целосна помош во вид на совети и насоки. Потенцијалниот проблем со кој можете да се сретнете е одреден професор да е премногу зафатен и да не може да ви биде ментор или нешто слично.

Важно е да бидете мотивирани за време на пишувањето на диплосмкиот труд бидејќи на тој начин побрзо ќе го напишете и ќе го крунисате вашето академско образование.

Се прашувате дали сте избрале добра тема?

Одговорете на следните прашања за да го оцените вашиот избор:

- Дали ве интересира избраната тема?
- Дали имате обезбедено доволно материјал и литература?
- Дали темата е изводлива, земјаќи го во предвид временскиот рок, изворите, литературата и знаењето?
- Дали избраната тема се наоѓа во областа во која најмноу сте се занимавале во текот на студирањето?
- Дали темата е значајна во практичниот и теоретски контекст?
- Дали темата е оригинална или веќе некој работел на неа?
- Дали ќе ви биде од користи во усовршувањето и реализирањето на кариерата?
Подготвил: Тамара Мисирлиевски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование