Пред околу 20 години во Мозамбик студентот по медицина Хиполито Нзвало видел цело семејство кое можело да се движи само со помош на бастун. Тие имале невролошка болест позната како конзо, која се преведува како врзани нозе. Нема лек за болеста, вели Нзвало, кој сега е невролог и професор на факултетот за медицина и биомедицински науки во Алгарве, Португалија. Оваа здравствена состојба може и да предизвика парализа.
Конзо се појавува како резултат на изложеност на токсини од растението касава, еден од основните производи што ги консумираат над 500 милиони луѓе што живеат во Африка. Доколку се подготви правилно, токсинот наречен водород цијанид, кој го содржи растението, може да се исчисти со вода. Во текот на сушата, но и поради сиромаштијата, луѓето често го консумираат без соодветна подготовка.
Недостигот на дожд, исто така, може да го зголеми присуството на водород цијанид во касавата, со што растението станува уште поопасно за јадење. Сите овие фактори, а особено сушата, ќе станат полоши со климатските промени, претпоставуваат експертите.
Фото: Pixabay
Конзо е само еден пример како климатската криза ќе влијае врз достапноста и безбедноста на храната што ја консумираме. Во 2019 година истражувачи
откриле дека климатските промени и зголеменото ниво на јаглероден диоксид во воздухот може да ги намалат витамините во некои производи, како цинкот, железото и протеинот.
Но, можни се и подраматични влијанија. Наместо да ги направат помалку хранливи, климатските промени може да ги направат растенијата отровни. Ова може да се случи индиректно, преку екстремни временски услови, сиромаштија и глад, поради што луѓето би биле принудени да јадат недоволно зрели и неподготвени растенија. Кај некои растенија, како јачменот, просото, ленот, пченката, црешите и јаболката, можно е да има зголемено ниво на токсини поради недостиг на вода и лошите временски услови.
Преголемото внесување на овие токсини може да влијае врз здравјето и да предизвика нарушувања на нервниот систем. За време на граѓанската војна во Шпанија луѓето морале да јадат вид грашок кој може да предизвика невролошки болести доколку се консумира прекумерно. Две токсични аминокиселини што ги содржи овој вид грашок предизвикуваат латиризам, чии симптоми се слабост во мускулите, неспособност за одење или парализа.
Во Индија луѓето јадат мали количини од овој грашок, но доколку дојде до суша или до екстремни временски услови, можеби би почнале да го консумираат повеќе.
Фото: Pixabay
Многу од растенијата што ги јадеме содржат токсини, но бидејќи ги јадеме во ограничени количини, не забележуваме промени во нашето здравје. Постои поголем ризик дека луѓето би консумирале повеќе од одредени растенија во случај на сиромаштија, глад, недостиг на вода и ограничени ресурси. Освен тоа, растенијата се обидуваат да се заштитат во време на климатски промени и начинот на кој го прават тоа може да биде штетен за луѓето. Тие користат нитрати за да растат, кои потоа ги претвораат во други молекули, како аминокиселини и протеини.
Доколку луѓето јадат многу нитрати, тоа може да го стопира пренесувањето на кислород во човековото тело преку црвените крвни зрнца. Од друга страна, големите дождови може да предизвикаат зголемување на водород цијанидот или други киселини во растенијата. Сите овие токсини предизвикуваат нарушувања на нервниот систем, а некои може да предизвикаат отежнато дишење кај луѓето.
Според еден извештај, околу 4,5 милијарди луѓе во неразвиените земји консумираат токсини преку храната.
Климатските промени ќе влијаат врз 70% од земјоделството преку сушата или преголемите дождови, велат експертите.
Извор:
Vice.com