Откако беа објавени првите сведоштва и видеа од средби на пилоти од морнаричката авијација и непознати летечки објекти, стигмата беше отстранета, па сѐ повеќе пилоти се одлучуваат да пријават вакви настани.
Оваа недела Конгресот на САД го одржа првото сослушување на официјални лица во врска со неидентификувани летечки објекти по повеќе од 50 години. Таа беше закажана по наодите на специјалната работна група, која ги објави минатата година, потврдувајќи дека официјалните институции сè уште немаат објаснување за одредени „летечки феномени“ со кои се сретнале морнаричките пилоти.
На овонеделното сослушување, одржано пред Комисијата за разузнавање, контратероризам и сродни прашања, свои изјави дадоа претставници од Министерствотото за одбрана (Пентагон). Тие потврдија дека од 144 анализирани случаи, само во еден успеале да идентификуваат летечки објект, како издувен балон. Сите други се категоризирани во одредени групи, но нивните точни причини не се познати. На сослушувањето беше прикажано ново, кратко видео од уште една блиска средба со летечкиот феномен.
Нема докази за вонземјани
- Постојат мал број случаи во кои карактеристиките на летот не можат да се опишат со податоците со кои располагаме. Овие случаи се од најголем интерес за нас - соопшти Пентагон.
Исто така, беше потврдено дека нема докази дека овие вселенски летала, кои се однесуваат чудно и навидум им пркосат на законите на физиката, биле од вонземно потекло и дека немало контакт со нив.
Она што ги загрижува американските власти е фактот дека тие би можеле да бидат авиони „непријатели“, создадени во Кина или Русија, кои имаат револуционерна технологија и летачки способности непознати за западната технолошка и воена заедница. Како позитивен беше посочен и фактот што објавувањето на извештајот и појавувањето на пилотот во јавноста ја отстранија стигмата од извештаите за НЛО - па сега сѐ повеќе пилоти решаваат да ги споделат своите набљудувања со претпоставените преку специјално утврдена процедура.
Продолжува истрагата
Прашањето за непознати летечки објекти е и прашање од национална безбедност, беше заклучено, а сите ограноци на вооружените сили на САД ќе пристапат кон анализа на овие појави за подобро да ги разберат. Заклучено е и дека сите вакви појави се забележани над океанот, на источниот и западниот брег на САД. Ова води до заклучокот дека е можно да се работи за странски извидувачки авиони.
Собраните податоци се мали и ограничени во некои случаи. Пентагон вели и дека нема да излезе во јавноста со сѐ што знае, пред сѐ, за да не им открие на „непријателите“ што сѐ можат да снимаат.
Извор:
Bug.hr
Фото: Screenshot/YouTube