X
 19.05.2024 Наука

Трик за елиминирање на лутината според јапонски истражувачи

Од дамнина луѓето се обидуваат да смислат ефективни техники за управување со гневот и лутината. Една неодамнешна студија на јапонски научници го открила ослободувачкиот ефект од запишување на сопствената реакција на негативен настан на парче хартија.

Дури и римскиот филозоф Сенека верувал дека сопствениот гнев веројатно ќе предизвика повеќе штета отколку туѓата неправда, па во своето дело „Де Ира“ (За гневот) од 45 пр.н.е., понудил совет како да се избегне.

Меѓу посовремените методи препорачани од психолозите е физичката активност, на пример, возење статичен велосипед или удирање во боксерска вреќа. Но, новото истражување посочува дека дури и скромниот уништувач на хартија може да биде корисен. Освен што е попристапен, може да биде и поефикасен откако нешто или некој ќе ве налути.

Ослободителен ефект

Студијата на јапонските научници го потенцира ослободувачкиот ефект од запишувањето на сопствената реакција од негативен настан на лист хартија, кој потоа треба да се искине, да се стутка во топка и на крајот да се фрли во корпа за отпадоци.

- Очекувавме дека нашиот метод ќе успее донекаде да го потисне гневот кај испитаниците. Но, бевме многу изненадени од фактот што гневот кај поединците речиси целосно исчезна - изјавил Нобујуки Каваи, шеф на истражувањето од Универзитетот „Нагоја“.

Студијата, чии резултати биле објавени во списанието „Научни извештаи за природата“, се заснова на истражување за поврзаноста меѓу пишаниот збор и намалувањето на гневот, како и на студии кои покажуваат како интеракцијата со физички предмети може да го контролира расположението. Научниците дале и пример - оние што сакаат да му се одмаздат на поранешниот партнер можат да ги запалат неговите писма или да ги уништат неговите подароци.

Тие веруваат дека резултатот би можел да биде поврзан со психолошки феномен кога луѓето се убедени дека дејствата што ги преземаат врз предмет поврзан со одредена личност можат да влијаат врз самата личност. Во овој случај, „ослободувањето“ од негативниот физички ентитет, т.е. листот хартија, резултира со исчезнување на првобитната емоција. Феноменот се заснова на верувањето дека „суштината“ на поединецот може да се манифестира преку неговите физички имоти.

Олеснување


Како дел од студијата, од педесет студенти било побарано да напишат свое кратко мислење за важен социјален проблем, на пример, дали треба да се забрани пушењето на јавни места.

Експертите потоа намерно ги оцениле нивните дела со ниски оценки, а оценките се однесувале на нивната интелигенција, интерес, логично расудување и рационално одлучување. За да ја засилат својата намера, оценувачите додале навредливи коментари како:

- Не ми се верува дека образована личност може да размислува вака. Се надевам дека оваа личност ќе успее да научи нешто додека студира на овој универзитет.

По добивањето на резултатите, учесниците ги запишале на парче хартија своите лути мисли за негативните повратни информации. На една група ѝ било кажано да ја стутка хартијата и да ја фрли во корпата за отпадоци, или да ја чува во папка на своето биро. На друга група ѝ било кажано да ја искине хартијата или да ја стави во пластична кутија.

Гневот целосно исчезнал кај оние што ги фрлале своите хартии в ѓубре или ги искинале, додека групата студенти што чувале печатена копија од хартијата чувствувале само малку помал гнев.

Откритието на јапонските психолози може да фрли светлина врз потеклото на јапонската културна традиција позната како „хакидашисара“ (хакидаши сара се зборови што се однесуваат на јадење или чинија).

Традицијата се практикува во храмот „Хијоши“ во Кијосу, недалеку од Нагоја. Инаку се работи за настан кој се одржува еднаш годишно. Посетителите потоа кршат мали дискови кои ги претставуваат или ги отелотворуваат работите што им предизвикуваат лутина, по што чувствуваат олеснување.

Извор: zivim.gloria.hr

Фото: Freepik

Подготвил: Маја Пероска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука