X
 19.06.2018 Наша тема

Сретен Давидов, најдобар млад научник - Во Словенија предава, но и непрекинато истражува за да живееме во почиста животна средина

Мојата докторска дисертација е генерално апликативна математичка постапка, модел, за оптимален избор на локации за поставување полначки станици од различен тип технологии за полнење, вели Давидов


Неготинецот Сретен Давидов е осмиот научник што го доби признанието „Најдобар млад научник“ за неговите врвни научни достигнувања. Успешниот електроинженер за Факултети.мк вели дека признанието дава значење и го верификува меѓународниот успех на научните трудови и придонесот кон целокупното знаење на човекот.
- Го почитувам тоа што, еве, сепак, првиот човек на државата има воспоставен механизам со кој им дава поттик и признание на сите млади како мене, кои ја добиле наградата и што ќе ја добијат, дека се добри во тоа што го работат и дека се способни да направат разлика. Признанието ми дава дополнителен мотив, ми влева нова енергија да творам и да бидам уште подобар на подрачјето на кое сум активен – вели Давидов.


Сретен пред факултетот во Љубљана

Можете ли да ни објасните за кое решение сте наградени? Претседателот Иванов во излагањето спомена дека креативното решение што Вие го нудите се електричните возила, односно ползувањето на чистата енергија – електричната енергија што не ја загадува околината...

- Накратко би пробал да вклучам повеќе аргументи. Мојата докторска дисертација е генерално апликативна математичка постапка, модел, за оптимален избор на локации за поставување полначки станици од различен тип технологии за полнење, земајќи ги предвид најголемото ограничување на електричните возила и нивниот ранг, потоа ограничувањата за приклучок на електроенергетската мрежа и одржување на билансот на системот заедно со оперативните параметри на елементите во системот. Како и земање предвид на барањата на возачите во врска со квалитетот на услугата на полнење на полначката инфраструктура. Решението е од фундаментален карактер, земајќи ги предвид трите основни аспекти: технички - приклучок на мрежа, дополнителни активни губитоци на моќност, дополнителна опрема, надградба на РТП, итн., економски – трошоци за приклучок, трошоци заради дополнително оптоварување на мрежата, трошоци за работа, одржување и планирање на полначките станици и социјален аспект - достапност на полначите, удобност на возачите, квалитет на услуга на полнење итн. Решението е во паралела со зголемувањето на бројот на електричните возила или воведувањето на електромобилноста во патниот сообраќај, што значи дека доколку имаме логистичка основа за задоволување на потребите и побарувачката за полнење, последователно ќе се зголемува и електромобилноста, а со тоа и намалувањето на испустите и придонесување кон почиста животна средина. Факт е дека глобално ќе се зголемуваат електричните возила, сите трендови на вложувањата укажуваат на тоа. Тука би го потенцирал и воведувањето на потребните законски мерки, па и акти за иницирање, за почеток, споделување на превозот во рамките на компаниите, а потоа преминување на електрификација на транспортот - прво од јавната па кон приватната флота на возила, максимална поддршка со инфраструктура за физичката мобилност (тротоари, патеки, велосипедски патеки, сообраќајна едукација) и иницирање мобилност со физички погон.

Кое поле е всушност Ваш потесен интерес? На што најмногу ја трошите енергијата?

- Во мој потесен интерес се технологиите за зачувување на електричната енергија (батерии), полначките технологии со различна моќност, поставувањето и планирањето на полначките станици за електричните возила со вклучување на доверливоста на електричната мрежа и квалитетот на снабдувањето со константен напон на крајните потрошувачи. Но и други елементи од темата поврзана со електромобилноста (траектории на движење на електричните возила, обрасци на движење, навики на полнење, дијаграми на полнење, приклучоци, стандарди, модели на возила, економска евалуација, брзина на полнење...). Исто така, конкретно работам и со поставување модели за оптимизација, кои се во полза на ширењето на електромобилноста, а и модели за оптимизација, воопшто поврзани со електротехниката.



На што работите во моментов?

- Работам паралелно на неколку активности. Активно сум вклучен во педагошкиот процес, т.е. држам вежби по предметите Планирање и развој на електроенергетскиот систем и Електроенергетски системи. Работам на проект, студија, за словенечкиот преносен оператор, за воведување батериски систем во системот за секундарна регулација на фреквенцијата. Истражувањата непрекинато ги работам и пишувам труд во врска со оптималната распределба на полначките станици, по најниска цена на избрана технологија на полнење со помош на брза и лесна DC метода за пресметка на преток на моќ во системот, која е вообичаена за планирањето и надградбата на електроенергетската мрежа. Секогаш на работната позиција гледам да сум ангажиран од 3 аспекти: педагошки (вежби), стручни (проекти, студии, состаноци и линк со индустрија) и истражувачки (рецензии за ревии, нови трудови, воведување нови методи).

Дипломиравте на Факултетот за електротехника и информациски технологии од Скопје (ФЕИТ) во 2012 година. Магистриравте на Универзитетот во Љубљана, Факултет за електротехника, во 2014 година. На истиот универзитет ја одбранивте и докторската дисертација. Може ли да ни направите споредба на македонскиот и словенечкиот образовен систем?

- Знаењето што го добиваме од ФЕИТ е сосема споредливо со тукашното. Можам да направам паралела - за некои поглавја и теми дури сме и во предност. Во образовниот систем, сметам дека е потребно да се воведе методологија, за студентите да бидат темелни во своите одговори, да знаат како да ги аргументираат своите ставови и да изградат јасна слика за секој проблем од областа. Потребно е да се креира паралелна слика по аналогија за проблемот и кои би биле последиците при најмали промени. Ете, тоа сметам дека е предноста на словенечкиот систем, што студентите, покрај основата, се учат како да бидат темелни, педантни и целосно доискажани при одговорите. Тоа сепак се добива со зголеменото ниво на организираност на системот, праксата со современата опрема која се негува на вежбите и професионализмот на професорите, кои постојано пренесуваат и црпат искуства од индустријата. Едноставно, така мора да биде, сепак индустријата и академијата мора да дејствуваат во паралела, и фирмите да вложуваат во нови кадри и развој на технологии за да има пренос и ширење на знаењата.


Давидов ја брани докторската дисертација

Како патот Ве однесе во Љубљана?

- Знаев дека сакам да продолжам со студиите. Бев „жеден“ и знаев дека имам капацитет да станам магистер, па дури и повеќе. Паралелно, барав и работа тоа лето. Но, „тропајќи“ на повеќе врати, оставен сам на себе, без никакви референции, не успеав да се вработам. Линк помеѓу професорите и индустријата ретко има, заеднички проекти и развој дури сега се реализираат. Дадов шанса, но гигантите (производство, пренос, дистрибуција) во државата немаа јасна стратегија и не вложуваа во развој, т.е. реализација на потенцијалот на „новите“. Тогаш беше така. Сега не знам како е, но како што сум информиран и по завршувањето и стипендирањето на сопствените кадри, истите кадри не ги ни вработуваат, повторно ги оставаат новопечените електроинженери сами на себе. Но и покрај тоа, невработен електроинженер нема, ФЕИТ си ја врши работата за пренос на знаење и држење на критериумот како што треба. Јас кога завршив на ФЕИТ, сметав дека треба да одам на друг универзитет за да потврдам и самиот себеси да се верификувам како добар електроинженер и дека имам основни знаења. Допре до мене информација за соработката помеѓу Словенија и Македонија на полето на високото образование и можностите за стипендирање на технички кадри од бившите југословенски републики. Не се двоумев многу, знаев дека сакам да го прифатам предизвикот да заминам во странство и подобро да се запознаам себеси, втурнат во непознатото.

Каков е животот во овој град?

- Градот го прават неговите жители, односно тие што живеат во градот. Луѓето се културни, образовани, позитивни... Живеат мирно, организирано и убаво. Квалитетот на животот за секој жител е сепак поразличен од Македонија, соодветно на примањата. Градот е блиску до повеќе главни метрополи и големи градови, туристички локации, море, езера, планини, високорамнини, ски-центри, летувалишта, плажи, реки итн. Соседните држави се високоразвиени земји, бизнис-опкружувањето е влијателно, најмногу се прави и по корелација со возниот парк. Во Словенија е развиен туризмот, инфраструктурно е добро поткрепена, урбанизмот и поставеноста на градбите не се технички и правно дискутабилни. Националната стратегија за општествен развој се спроведува на дело. Минатата година во Љубљана беа реализирани повеќе од 10 милиони ноќевања, што укажува дека сите што живеат во градот, кој е како мал, убав, стокмен, скромен „мерцедес“ помеѓу бившите југословенски главни градови, придонеле, влијаеле да се шири гласот за убавините и особеностите на градот.

Сега сте вработени како млад истражувач со звање асистент на Факултетот за електротехника при Универзитетот во Љубљана. Какви можности имате за развој на кариерата и, секако, на научно поле?

- Имам можност да добијам нови педагошки звања за да бидам повеќе вклучен во педагошкиот процес. На научното поле, работам да придонесам што е можно повеќе во областа во која сум активен, за уште повеќе да ја зајакнам моменталната меѓународна позиција на знаење и експертиза.

Што Ви е следен голем предизвик како научник?

- Голем предизвик ми е да воведам нов термин, дефиниција, постапка, формулација, методологија, метода, односно да реализирам активност која би придонела за голема промена во областа во која сум активен, која ќе добие на меѓународна тежина и ќе биде фактор на промена кај многу истражувачи. Важно ми е и да ја зголемам цитираноста на трудовите, тоа би значело дека некои истражувачи се инспирирале од мојата работа и на таа основа продолжиле да придонесуваат за општото знаење на човекот.
Подготвил: Милена Атанасоска-Манасиева / milena.atanasoska@fakulteti.mk

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема