X
 15.04.2019 Наша тема

Не ни сонував дека ќе бидам дел од „Стенфорд“. Верувајте во себе, порачува научникот Томе Ефтимов

Во САД работи на повеќе проекти, но еден од најголемите предизвици со кои се соочува се методи од вештачка интелигенција кои може да се користат за анализа на податоци поврзани со храна и нутриционизам


Струмичанецот Томе Ефтимов е еден од најуспешните македонски научници што работат на полето на информациските технологии, за што сведочат многу награди, истражувања објавени во реномирани меѓународни списанија и, секако, неговиот ангажман во истражувачкиот центар во Универзитетот „Стенфорд“ во Калифорнија. Деновиве беше во Македонија за да ја прими наградата „Најдобар млад научник“ за 2018 година, која му ја врачи претседателот Ѓорге Иванов.

Во САД работи на повеќе проекти, но еден од најголемите предизвици со кои се соочува се методи од вештачка интелигенција кои може да се користат за анализа на податоци поврзани со храна и нутриционизам.


Томе Ефтимов

Македонските студенти размислуваат инженерски

Ефтимов докторирал на Институтот „Јожеф Стефан“ во Љубљана, Словенија. Вели дека патот до докторските студии бил многу вреден. По завршувањето на додипломските студии на Факултетот за електротехника и информациски технологии (ФЕИТ) една година работел како демонстратор таму. Потоа две години бил дел од лабораторијата на академик проф. Љупчо Коцарев при Македонската академија на науките и уметностите – МАНУ. Во меѓувреме се запишал на магистерски студии на Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ).
- По завршувањето на магистерските студии решив да продолжам на докторски студии надвор од Македонија бидејќи сметам дека за да се обликуваш како научен истражувач, потребно е да промениш различни средини за да откриеш што најмногу ти одговара. Аплицирав на повеќе позиции низ Европа, од кои Институтот „Јожеф Стефан“ во Љубљана, Словенија, беше една од нив, која ја одбрав за моите докторски студии. Таму добивав стипендија, а работев на развој на статистички методи и методи за обработка на природни јазици, кои може да се употребат генерално за анализа на податоци, пред сѐ, за податоци што се поврзани со храна и нутриционизам. Тезата на која докторирав е „Статистичка обработка на податоци и обработка на природни јазици за нутриционизам“ - раскажува Ефтимов.

Дипломирањето на ФЕИТ и магистрирањето на ФИНКИ е нешто на кое е многу горд. Смета дека овие два факултета придонесуваат за развојот на студенти кои би можеле да продолжат да учат каде што сакаат во светот.
- Она на што сум особено горд е тоа што ни овозможуваат развој на инженерско размислување кое сметам дека кај многу други студенти надвор од Македонија недостига. Од мое лично искуство можам да кажам дека студентите надвор од Македонија се можеби поподготвени на апликативно ниво, но кога доаѓа за развој на идеја или решение, инженерското размислување им недостига.



Никаде во светот нема напредување без постдокторски студии

Ефтимов сега е на постдокторски студии на Универзитетот „Стенфорд“ во САД, второрангиран во светот.

- Продолжувањето на постдокторски студии е чекор кога излегувате надвор од вашата удобна (комфорна) зона. Никаде низ Европа (освен во Македонија), па и надвор од неа не можете да напредувате во избор (доцент, вонреден професор или професор) доколку немате отидено на постдокторски студии. Еден од условите на Институтот „Јожеф Стефан“ е да ги мотивира новите доктори на науки да отидат на постдокторски студии кои ќе бидат надвор од Словенија. Токму затоа, по завршувањето на докторските студии се пријавив на повеќе достапни позиции за постдокторски студии. Бев избран како прв од 144 апликанти на „Марија Кири“-
конкурс од Европската комисија во Барселона, исто така и од Универзитетот „Стенфорд“ во САД. Се одлучив за „Стенфорд“ бидејќи е втор рангиран универзитет во светот, па кога добивате понуда оттаму, не може да ја одбиете - вели Ефтимов.



Во истражувачкиот центар во САД работи во две области.

- Уживам при работата на теориски и емпириски студии кои вклучуваат употреба на математика и статистика. Иако во сите три степени на образование завршив компјутерски науки, многу од луѓето мислат дека сум завршил математика.
Другата област е обработка на природни јазици и машинска интелигенција и учење, каде што фокусот е на развој на модели кои би имале импакт кон добро во општеството (social good). Работам на методи од вештачка интелигенција кои може да се користат за анализа на податоци поврзани со храна и нутриционизам.
Со доаѓањето на „Стенфорд“, исто така се фокусирав на развој на методи од вештачка интелигенција, кои може да се користат за истражување на релациите што постојат меѓу здравјето на луѓето, храната и околината - раскажува тој.

Се гордее со тоа што групата со која истражува е една од првите во светот што работат истражување поврзувајќи ги вештачката интелигенција и податоците за храна и нутриционизам.

- Она на што најмногу сум горд во врска со мојата работа досега е методот што го развивме за споредба на стохастички оптимизациски алгоритми, познат како длабока статистичка споредба (Deep Statistical Comparison). Истиот метод беше избран како Hot-Off-the-Press на конференцијата GECCO 2018, како еден од 10 труда со најнова и најиновативна идеја за 2018 и беше претставен во Кјото, Јапонија.

Професoрите од „Стенфорд“ се премногу едноставни

Вештачката интелигенција е нешто за што многу се зборува во светот на технологијата. Го прашуваме Ефтимов како ќе изгледа светот во иднина, што предвидува?
- Вештачката интелигенција е област која многумина ја најавуваат дека во иднина ќе отфрли постоење на многу работни позиции. Како и да е, јас верувам во интердисциплинарна работа и сметам дека луѓето што се занимаваат со вештачка интелигенција треба да работат со домен-експерти бидејќи треба да ги разбираат податоците за кои развиваат модели.

Ментор на кој му се одушевува и од кој научил многу е проф. д-р. Барбара Короушич-Селјак, која во 2018 година е прогласена за најдобар ментор, награда доделена од претседателот на Словенија.


Томе (во средина) со колеги

- Пред да се преселам во Љубљана сметав дека ментор мора да биде истражувач со голем број цитати. Преку работата со Барбара научив дека да се биде добар ментор значи, пред сѐ, да се биде човек, а не високоцитиран истражувач. Тоа е разликата да се биде лидер или само ментор. Професoрите од „Стенфорд“ се луѓе што се премногу едноставни, секогаш се достапни за дискусија и да им помогнат на студентите и на младите истражувачи.

Вели дека е огромна чест и задоволство да се добие признанието „Најдобар млад научник“ бидејќи го добил во неговата татковина.
- Истовремено претставува и огромна мотивација да продолжам со моите истражувачки ангажмани и предизвици.


Вака изгледа неговата табла

За пет години би сакал да има своја лабораторија со студенти. На младите, без разлика дали се гледаат себеси во науката или не, им порачува да веруваат во себе и во своите можности, но и верно да ги следат своите соништа.
- Само така тие соништа ќе станат убаво јаве. Кога се запишав на додипломските студии на Факултетот за електротехника и информациски технологии, никогаш не замислував дека еден ден ќе се запишам и на докторски студии, ниту дека ќе бидам дел од „Стенфорд“. Но воден од сопствените соништа и амбиции, сето тоа стана моја реалност и дел од животот што го живеам.

Подготвил: Милена Атанасоска-Манасиева / milena.atanasoska@fakulteti.mk

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема