X
 16.05.2018 Наука

Неготинецот Давидов е најдобар млад научник за 2017

Сретен Давидов е прогласен за најдобар млад научник за 2017 година, а признанието денеска му го врачи претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов.
Давидов работи во полето на електротехниката, а изјави дека ова признание претставува верификација на неговата работа и доказ дека државата го цени тоа што го остварува.
Давидов е роден во Неготино. Дипломирал на Факултетот за електротехника и информациски технологии при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје во 2012 година, а магистрирал во 2014 година на Факултетот за електротехника при Универзитетот во Љубљана. На истиот универзитет годинава ја одбранил докторската дисертација.



Претседателот Иванов изјави дека Давидов се нафатил да придонесе кон решението на еден од најгорливите проблеми на нашиот град, а тоа е аерозагадувањето.

- Секоја година се задушуваме во смогот што е последица на човековата неодговорност кон себе и кон животната средина. Тоа е сериозен предизвик што не може да се реши само со конвенционални политики и процедури кои произлегуваат од старата парадигма на неодржлив развој. Креативното решение што д-р Давидов го нуди се електричните возила, односно ползување на чистата енергија – електричната која не ја загадува околината – изјави Иванов.


Давидов е асистент на Факултетот за електротехника при Универзитетот во Љубљана. Автор е на четири научни труда и член на Институтот на инженери по електротехника и електроника, на СИГРЕ ‒ Комитет за големи електрични системи и ЦИРЕД ‒ Комитет за дистрибутивни електрични системи.
Признанието „Најдобар млад научник“ за врвни научни достигнувања се доделува по осми пат.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука