X
 19.06.2019 Наука

Гренланд по топењето на мразот - овие кучиња треба да влечат санки на мраз, а не на вода

Научникот Стифен Олсен од данскиот Метеоролошки институт бил на експедиција на северозападот на Гренланд, на која требало да собере океанографски и метеоролошки апарати за мерење, што неговите колеги ги оставиле во снегот, но наишол на голем и неочекуван проблем. Не можел да ги најде, а она што инаку е дебел мраз, сега било вода, последица од поплавата по топењето на гренландската ледена покривка, што е втората најголема во светот.

Научникот не можел да поверува што гледа па ја фотографирал ситуацијата во која се нашол, а фотографијата за брзо време се рашири на социјалните мрежи. На неа се кучиња што влечат санки во вода. Ова е доказ за штетните климатски промени што се случуваат.

- Луѓето во Гренланд сметаат на дебелиот слој лед на морето, зависат од него поради транспортот, ловот и риболовот - вели Олсен.

Жителите на Гренланд и Северна Америка меѓу првите ќе ги почувствуваат последиците од топење на мразот, но научниците тврдат дека тие не се единствени што ќе се соочат со нив. Сезоната на топење трае од јуни до август, а најголем дел се топи во јули. Но, оваа година веќе се стопи екстремна количина на мраз.

Научниците предвидуваат дека оваа година би можела да биде рекордна што се однесува до топењето на ледената прекривка на Гренланд, а количината на стопениот мраз толку рано сугерира дека беа во право. За работата да биде уште полоша, колку повеќе мраз се стопи во текот на раното лето, толку повеќе ќе се стопи во неделите што доаѓаат. Причината за тоа е што белиот снег и мразот ја рефлектираат сончевата светлина назад во вселената, намалувајќи ја количината на апсорбирана топлина и одржување на студениот мраз. Колку помалку мраз има, толку помалку топлина се рефлектира и повеќе се топи. Научникот Томас Мот од Универзитетот во Џорџија, кој се занимава со истражување на гренландската клима, вели дека слични периоди на топење биле забележани во 2007, 2010 и 2012 година, а ништо слично не било забележано пред 90-тите. Топењето на гренландскиот мраз би можел да биде еден од најголемите фактори што влијаат на нивото на морињата поради што, многу луѓе кои живеат близу брегот може да останат без домови.

- Гренланд во последните две децении значително влијаеше на зголемувањето на нивото на морето, а топењето на ледената прекривка беше голем фактор во тоа - вели Мот.

Инаку, од 1972 година, само топењето на мразот на Гренланд го зголемило нивото на морето за 13,7 милиметри. Освен што расте морето, сè повеќе светлина од вселената се задржува на Земјата, односно нашата планета е сè потопла, поради што се топи уште повеќе мраз.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука