X
 09.10.2017 Здравје

Болестите и промената на годишното време

nastinka

Времето се менува, така што вие почнувате да ја менувате вашата гардероба, вашиот термостат, го пиете тој трендовски сезонски пијалак за кој секој зборува и наеднаш се разболувате. Но зошто новото годишно време носи кашлици и кивавици? Одговорот е многу едноставен: вирусите обожаваат студено време.

Можеби изгледа како истата болест да излегува кога времето се менува, но, всушност, виновникот зад кашлицата варира во текот на целата година. Кога зимата се претвора во пролет и кога летото се претвора во есен, се појавуваат вирусите. Двата главни вируси зад обичната настинка се риновирус и коронавирус, и тие се размножуваат во студено време кое се јавува во текот на овие сезонски промени.

Но, во зима е поголема веројатноста да се разболите од грип. Начинот на кој е изграден вирусот на грипот помага да се размножува и да се шири најефикасно кога воздухот е студен и сув. Во 2008 година истражувачите објавиле истражување кое открило дека на ниски температури вирусот има надворешен слој сличен на гел, кој помага истиот да патува од личност до личност. Овој слој почнува да се топи на 22 Целзиусови степени. Тоа има смисла бидејќи обвивката треба да се стопи во вашето тело за вирусот да инфицира жива клетка, но исто така значи дека вирусот е помалку заштитен на отворено кога времето е потопло.

Со грипот и обичната настинка, откако ќе фатите одреден вирус, вие сте генерално имуни остатокот од сезоната - само надевајте се дека нема различни видови што се движат наоколу.

Што кога пролетта се претвора во лето? Тоа е нешто сосема друго. Новите видови полен и други алергени што го исполнуваат воздухот може да предизвикаат течење на носот и други респираторни проблеми. Ова може да доведе до болест, бидејќи иритираните бели дробови и назалните пасуси се поподложни на инфекција.

Што се однесува до тоа дали можете да настинете од студеното време, тоа е мит. Всушност, околностите околу студеното време - сувиот воздух ги иритира вашите мукозни мембрани и повеќе време поминато затворени внатре и во контакт со луѓе што можеби се болни - се факти што може да доведат до болест. За да се заштитите, треба често да ги миете рацете, доволно да спиете и да се вакцинирате секоја година.
 
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Здравје