X
 19.06.2021 Наша тема

Скролај, бустирај, шеруваj! Дали со интернет-терминологијата се загрозува македонскиот литературен јазик?

Интернет-сленгот, со разни англицизми, е постојано присутен во комуникацијата меѓу младите, па покрај неговата употреба на социјалните мрежи, тој често се користи и дома и на училиште


„Лајкни ми го постот на Фејс. Скролај надолу да го видиш, ако можеш и шерувај го по групите“.
„Направи ми фолоу на инста. Сега бустај го постот“.
„Ок, ЛОЛ!“
Ова се само дел од изразите што во секојдневната комуникација ги употребуваат младите, кои сè повеќе слушаме дека зборуваат „интернетски“ или „фејсбучки“.

Со употребата на социјалните мрежи се наметна употреба на една нова терминологија на изразување меѓу младите, која ја донесе новиот интернет-јазик базиран претежно на англискиот.
Веќе одамна во македонскиот јазик се присутни странски зборови кои се одомаќени, како шофершајбна, фуснота, парламент... За некои од нив и немаме превод, односно не можеме да најдеме соодветно значење на зборот.

Интернет-сленгот, со разни англицизми, е постојано присутен во комуникацијата меѓу младите, па покрај неговата употреба на социјалните мрежи, тој често се користи и дома и на училиште.
Што велат експертите, дали со тоа е загрозен македонскиот литературен јазик? Колку овие зборови можат да станат одомаќени во нашиот јазик?

Во секојдневниот говор веќе одамна има странски зборови што ни се нормални


Бобан Карапејовски, лингвист од Катедрата за македонски јазик и јужнословенски јазици при Филолошкиот факултет „Блаже Конески“, вели дека позајмувањето на ниво на лексика, односно на зборови од другите јазици, е нешто што е познато и вообичаено.
За таа цел, посочува дека јазикот ниту може да биде загрозен од ваквите појави ниту, пак, се чува на ваков начин, како што не се чува и преку секојдневни вербални одбрани од страна на луѓе што од одбраната на јазикот прават кариери.


Бобан Карапејовски

Јазикот, според лингвистот, се чува со секојдневна работа на неговото проучување и афирмирање, со развивање љубов на родените говорители кон сопствениот јазик и преку поттикнување на другите, на кои не им е мајчин, да сакаат да го учат и да го изучуваат.

- Впрочем, во македонскиот се вели дека имаме неколку илјади турски зборови, за кои во ниеден момент не сме се исплашиле дека ќе (ни) го загрозат јазикот. Или, пак, вообичаено земање кога ќе се појави нов поим во областа на техниката и на технологијата, нов апарат, предмет, за кој ни е потребен нов начин да го означиме преку нов збор. Некогаш вакви дискусии се воделе и за многу попрозаични работи од денешна перспектива. Оние што не се занимаваат професионално со јазикот, а се помлади, сигурно ќе се изненадат дека и за нешто што нам денеска ни е вообичаено и го доживуваме како изворно македонско, некогаш имало дилеми и се барале соодветни термини (на пример, зборови од типот на влез или вработување). Овие зборови добро се вклопуваат во граматичкиот систем на македонскиот јазик (добиваат наставки за лице, ако се глаголи: скролам; или, пак, член, ако се именки: маусот) - вели Карапејовски.

Ќе ни станат ли нормални „лајк“, „скрол“, „дејт“?

Според него, проблемот е што развојот на информатичките технологии е толку брз што чувствуваме како да има наплив од такви зборови.

- Дали ќе се одомаќинат? Многу веројатно, ако не се понуди соодветна алтернатива на тие зборови, кои ќе бидат прифатени од поголем број корисници на јазикот. Некогаш тоа прифаќање е резултат на вештачки или наметнати процеси. На пример, вие можете да фаворизирате еден збор преку медиумите и преку образованието, а друг да забраните, односно да ја санкционирате, на некој начин, употребата на другиот. Прашањето е дали е тоа добар пристап. Сигурно е легитимен, бидејќи често (не само кај нас) се во судир тие два пристапи во јазичната политика, една што е полиберална, така да ја наречеме, и друга – која, по својата природа, е поконзервативна и попуристички расположена. Веројатно мерата е она што ни е потребно, ниту треба да се остави стихијата да диктира ниту да се ангажира јазична полиција и да се наметнуваат работи што корисниците на јазикот не ги чувствуваат како природни - вели професорот.

Тој го дава примерот со францускиот јазик, за кој вели дека во основа е во процес на бранење од англиското влијание, иако претходно бил јазикот на општото разбирање, наспрема англискиот, кој со својата либералност (но, не само поради тоа) успеа да го преземе приматот и да стане лингва франка на местото на францускиот.

- Тоа можеби ни е добра школа за тоа дека треба да се интервенира и по принципот на атрактивност, а не само на наметнување и санкционирање. Од поширокото соседство, ако ги имаме предвид словенските јазици, српскиот има еден полиберален однос кон овие заемки, додека, пак, во хрватскиот и во словенечкиот се инсистира на нивно преведување (иако, честопати тие зборови и не заживуваат сосема). Во процесот на глобализирање, нормално е и јазиците да поминат низ такви фази - посочува тој.

Не е страшно „да се скрола“!

Бојан Кордалов, комуниколог и специјалист за односи со јавноста и нови медиуми, смета дека секоја генерација, но и секоја технологија си има свој жаргон, односно специфична терминологија која се употребува и е обележје на одредено време или на одредена возраст.

- На младите генерации не треба да им посочуваме дека прават грешка кога користат „скролна“ или „фолоу“, туку да им дадеме алтернатива која ќе им изгледа интересна, односно „кечи“ за нивната возраст и раст во кој се наоѓаат - вели Кордалов.

Смета дека овој начин на изразување на младите не може на кој било начин негативно да влијае врз македонскиот, албанскиот или некој друг мајчин јазик.

- Напротив, тие ќе создадат една своја специфика и надополнување, односно збогатување на јазикот. Особено што прашањето на зачувување на одреден литературен начин е сосема различна тема, па би рекол дури повеќе политичко-општествена проблематика, а проблемот или заканата тука најмалку доаѓа од страна на дигитализацијата и социјалните мрежи -посочува тој.


Бојан Кордалов

Да создадеме адекватен превод

Според него, клучниот предизвик е како да создадеме адекватен превод на овие термини, кој нема да звучи архаично или старомодно за новите генерации, па да се обидеме можеби на тој начин да ги мотивираме да ги употребуваат и преведените термини во секојдневната комуникација.
Покрај тоа, Кордалов прашува и колку атрактивни содржини за деца преведени на македонски јазик имаме онлајн.

- Би дал и еден позитивен, како и еден негативен пример. Прво, зборот „монитор“, кој е многу пошироко прифатен, па дури и дел од македонскиот и од другите јазични речници. Второ, зборот „глушец“ не е широко прифатен и многу повеќе се користи „маус“. Вториот пример го кажувам не дека е нешто негативно, туку за да посочам дека лингвистите се на потег да бидат прагматични, инвентивни и отворени за новини кои се прифатливи за сите, а не само да бидат граматички прецизни и јазично исправни. Впрочем, затоа го давам првиот пример, како нешто кое треба да се реплицира на сите термини - објаснува комуникологот.
Подготвил: Радмила Заревска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема