Истражувачите велат дека светот не е подготвен за потенцијалниот пад на наталитетот, кој може да има неочекувано влијание врз општеството. Стапките на наталитет се намалуваат, а ова значи дека речиси секоја земја би можела да има помал број на население до крајот на векот.
Се очекува населението на 23 земји, меѓу кои и Шпанија и Јапонија, да се преполови до 2100 година. Истовремено, населението ќе биде сè постаро во земјите, па бројот на новороденчиња и луѓе што полнат 80 години ќе се изедначи.
Стапката на плодност, односно просечниот број на деца родени од една жена се намалува. Доколку трендот продолжи и падне под 2,1, бројот на светското население ќе почне да опаѓа. Во 1950 г. жените имале просечно по 4,7 деца. Истражувачи од Универзитетот во Вашингтон покажуваат дека глобалната стапка на плодност речиси се преполовила на 2,4 во 2017.
Нивното
истражување покажува дека доколку трендот продолжи, жените во просек ќе имаат под 1,7 дете до 2100. Соодветно на тоа, светското население ќе биде најмногубројно околу 2064 и ќе изнесува 9,7 милијарди луѓе, но потоа ќе падне на 8,8 милијарди до крајот на векот.
Фото: Pixabay
Зошто паѓа стапката на плодност?
Истражувачите заклучуваат дека овој тренд е предизвикан од зголемениот број жени што се образоваат и работат, како и поголемиот пристап до контрацепција. Последователно, жените одбираат да имаат помалку деца.
Една од најпогодените земји ќе биде Јапонија. Јапонското население ќе падне од 128 милиони во 2017 на помалку од 53 милиони до крајот на векот, проценуваат истражувачите. Италија ќе забележи пад од 61 милион на 28 милион жители во истиот период.
Кина ќе има најмногубројно население во следните четири години и ќе достигне 1,4 милијарда, но населението во оваа земја ќе се намали на 732 милиони до 2100 година. Индија ќе стане најнаселена земја во светот. Велика Британија ќе има најмногубројно население во 2063 - 75 милиони, но тоа ќе падне на 71 милион до 2100.
Фото: Pixabay
Ова ќе биде глобален проблем бидејќи 183 од 195 земји имаат ниска стапка на плодност. Според анализата, бројот на деца помлади од 5 години ќе падне од 681 милион во 2017 на 401 милион во 2100. Бројот на лица постари од 80 години ќе се зголеми од 141 милион во 2017 на 866 милиони во 2100 година.
Според истражувачите, ова ќе предизвика огромни општествени промени бидејќи ќе има помалку луѓе што ќе плаќаат даноци и здравствено осигурување, кои им се потребни на постарите. Постои и прашањето дали луѓето ќе може да се пензионираат. Некои земји го зголемуваат населението и надоместуваат за намалената стапка на плодност со примање мигранти во своите земји, но ова нема да биде доволно уште долго бидејќи населението на сите земји во светот се намалува.
Сепак, населението во Африка трикратно ќе се зголеми, на над 3 милијарди луѓе до 2100 година. Нигерија ќе биде втора најнаселена земја во светот со 791 милион луѓе, според истражувањето.
Автор: Џејмс Галагер
Извор:
Би-би-си