X
 19.11.2022 Наука

Откриени стотици мумии во близина на гробницата на Тутанкамон

Археолози откриле повеќе мумии, ковчези, артефакти и поврзани тунели во близина на гробот на кралот Тутанкамон.

Археолозите работеле на локалитетот во Гиза последните две години и неодамна откриле повеќе ковчези и мумии кои можеби ги кријат остатоците на најблиските генерали и советници на Тутанкамон, кој владеел од 1333 до 1323 г. пр.н.е.

Археолозите анализирале и пирамида во близина која му припаѓала на Тети, првиот крал од шестата египетска династија. Според Захи Хавас, египтолог, Тети бил возвишуван како бог во тој период и затоа луѓето сакале да бидат закопани во негова близина. Бил откриен голем саркофаг од варовник и 300 ковчези од тој период.

Секој од ковчезите е уникатен и може да се разликуваат оние во кои има мажи од оние во кои има жени. На секој ковчег го има името на починатиот, а мумиите внатре се во добра состојба. Хавас објаснил дека тоа е знак дека мумификацијата го достигнала својот врв во тој период. Еден од ковчезите има маска на жена направена од чисто злато.

На локалитетот биле пронајдени и повеќе артефакти, како игри, мали статуи, па дури и мала метална секира најдена во рацете на војник.

Била откриена и пирамида на кралица чиј идентитет досега бил непознат. Нејзиното име било Нејт и досега не била регистрирана во историските записи.

Извор: Live science
Насловна фотографија: Pixabay
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука