X
 31.03.2018 Наука

Oткриено е и последното делче од амазонската археолошка сложувалка


Амазонската прашума
(Фото: Thinkstock)


Некогаш се претпоставувало дека пред доаѓањето на Европејците жителите на Јужна Америка главно ги населувале деловите околу речните текови. Но тие претпоставки датираат пред сателитите да го „мапираат“ тој дел од светот.

Британските археолози од Универзитетот во Екстер, кои ги испитувале сателитските снимки на подрачјата каде што се искоренети тропските дождовни шуми, откриле нови 81 населба на просторите на прашумите на Амазонија. Некои се протегаат на повеќе хектари површина, додека некои се широки едвај триесетина метри.

Овие населби се препознаваат по фортификациските ровови кои ги опкружувале, потопените патишта, разни остатоци од керамика и земјени платформи на кои се наоѓале куќи за домување, во периодот меѓу 1250 и 1500 година, пишува „Гардијан“.

„Го наредивме и последното делче од амазонската археолошка сложувалка“, изјави авторот на студијата за новите археолошки откритија - Жонас Грегорио де Соуза за „Лајв сајанс“, опишувајќи ги мрежите од населби за кои се верува дека покриваат подрачје од 154.000 квадратни милји, односно нешто помалку од 400.000 квадратни километри од јужната периферија на Амазонија.

Научниците претпоставуваат дека таму, во времето пред Колумбо да ја открие Америка, живееле неколку милиони луѓе.

Археолозите не можеле да пристапат до секој локалитет во басенот Тапажос, туку испитале 24 од нив. Врз база на тоа, тие веруваат дека е можно да постојат илјадници такви населби.

Овие откритија „дефинитивно ги дискредитираат претходните процени за бројноста на популацијата, кои наведуваат бројка од 1,5 до 2 милиона луѓе во тој басен“, пишува „Ју-ес-еј тудеј“, што укажува дека и помалите населби биле населувани од поголеми групи луѓе.

Де Соуза вели дека многу прашања во врска со новооткриените населби остануваат отворени, како и дека најголемото прашање е како била распоредена вкупната популација на Тапажос.
Подготвил: Б.Б.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука