X
 24.07.2021 Наука

Со помош на мултизрачен хидролокатор, под брановите во Венеција откриен дамнешен римски пат

На дното од каналот Трепорти, под брановите на венециската лагуна, беа откриени низа изненадувачки прастари структури.

Подредени на должина од околу 1.200 метри, тие упатуваат на тоа дека некогаш, пред нивото на морето да порасне и да ја поплави областа, таму се протегал римски пат. Според археолозите, ова е доказ дека пред основањето и населувањето на Венеција, во 5 век, таму имало важна римска населба.

- Оваа мултидисциплинарна студија го документира присуството на сегмент од римски пат долг околу 1.200 метри на прастар морски гребен, кој сега е потопен под северната лагуна во Венеција - истакна тимот од археолози предводен од Фантина Мадрикардо во новата студија за откритието.

Фото: Science Alert

Истражувачите наведуваат дека поплавениот пат веројатно е еден од последните сегменти од патишта во морскиот пејзаж на Алтинум, во рамките на поширока мрежа на патишта во регионот Венеција и Истрија.

Античките Римјани многу добро правеле многу работи. Меѓу нив се и нивните добро познати патишта. Таму каде што биле Римјаните, таму можете да најдете и долги патишта. Но, римската трговија и транспорт не биле ограничени само на копнениот сообраќај. Античката цивилизација била вешта во навигација на море, што ги натерало истражувачите да се запрашаат која улога може да ја играла Венеција.

Знаеме дека тогаш нивото на морето било пониско и Венеција сигурно изгледала многу различно. Археолозите нашле и антички артефакти кои наведуваат на тоа дека имало римска окупација во вековите пред започнувањето на милениумот, долго пред основањето на Венеција. Но, тимот од научници се запрашал колку долга била таа окупација.

Некои археолози верувале дека артефактите дошле од прастарите римски градови, игнорирајќи ја лагуната, но имаше знаци и дека областа била поекстензивно окупирана.

При истражување направено во 1985 година биле пронајдени структури кои имплицираат докази за протегање на пат на дното на каналот Трепорти.

Мултизрачен хидролокатор со висока резолуција им овозможил на истражувачите да ја мапираат геоморфологијата на морското дно и археолошките нуркања извршени во периодот помеѓу 1978 и 2016 година донеле многу информации за она што го има под водата, вклучувајќи и примероци од седиментот на морското дно.

Со дополнителни студии направени во 2020 година, тие документирале серија од 12 релјефни структури подредени паралелно на главниот канал со насока од југозапад кон североисток, со должина од околу 1.140 метри. Најдолгата од овие структури била долга 52,7 метри. Втора група од четири структури варирала меѓу 14,5 и 134,8 метри.

Фото: Science Alert

Батиметрички податоци посочуваат на присуство на палеогребен - што посочува дека некогаш во минатото таму имало плажа. Структурите биле пронајдени по должината на овој гребен.

Постоењето на патот е поддржано од други откритија во каналот. Повеќе археолошки траги претходно биле пронајдени во близина на каналот Сканело - тие траги алудираат на постоење на големи згради, кои може да посочуваат на присуство на пристаниште.

Претходни истражувања, исто така, алудираат на траги од пат на дното од каналот Сканело. Ако тоа е вистина, тогаш патот во каналот Трепорти не би бил изолирана структура, туку дел од поголема патна мрежа во значаен пристанишен град.

Споредба со други поплавени рушевини во лагуните Градо и Марано ја поддржува ваквата интерпретација на структурите. Овие резултати ја нагласуваат потребата за наоѓање, документирање и зачувување на археолошките локалитети во поплавени околини, сметаат истражувачите.

Истражувањето е објавено во „Сајентифик рипортс“.

Извор: Science Alert
Насловна фотографија: Unsplash
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука