Технолошкиот гигант „Гугл“ се согласи да ѝ плати 481,5 милион долари на австралиската канцеларија за оданочување. Во големата битка канцеларијата успеа да ги принуди големите технолошки компании да плаќаат данок во Австралија.
Спогодбата, која опфаќа данок за период од една деценија, од 2008 до 2018 година, ќе помогне за зајакнувањето на федералниот буџет кој беше поткопан од слабиот економски раст.
Сето ова се случи по долгата кампања за да се стигне до мултинационалните компании, особено технолошките компани и гигантите со ресурси, за да плаќаат даноци во Австралија. Кампањата беше лансирана во 2015 година.
Потезите вклучуваа повеќе ревизии на технолошките компании преку специјална работна група и воведување пакет-закони дизајнирани да ги принудат технолошките компании да резервираат продажби направени во Австралија локално наместо да ги водат преку даночните засолништа како Сингапур или Ирска.
Канцеларијата соопшти дека спогодбата со „Гугл“, заедно со другите слични компании, вклучувајќи ги „Мајкрософт“, „Епл“ и „Фејсбук“, ја донесе вкупната дополнителна сума на пари собрани од играчите во индустријата за електронска трговија - 1,25 милијарда долари.
Заменик-комесарот Марк Конза, кој го надгледувал најголемиот дел од работата на канцеларијата во справувањето со оданочувањето на мултинационалните компании, изјави дека спогодбата е уште еден одличен исход за австралискиот даночен систем.
Фото: ЕРА
- Тоа ѝ додава значителен успех на канцеларијата во позитивно менување на однесувањето на дигиталните даночни обврзници и значително зголемување на данокот што тие го плаќаат во Австралија - изјави тој.
Портпаролката на „Гугл“ изјави дека со намирувањето на данокот на компанијата договорот ќе обезбеди сигурност во однос на идниот даночен третман. Компанијата порано работеше со наплата на австралиските клиенти преку својата филијала во Сингапур, инсистирајќи на тоа дека нејзината локална канцеларија само извршува услуги за глобалната група.
Оваа структура значеше дека приходите од австралиските клиенти, кои во тоа време биле проценети на околу 2 милијарди долари годишно, никогаш не стигнувале до локалната компанија. Како резултат на тоа, „Гугл Австралија“ остварил сосем мал или никаков профит што би можел да биде оданочен од канцеларијата за оданочување.
Но, во 2016 година, по воведувањето на мултинационалниот закон за спречување на оданочување, „Гугл“ го реконструира својот бизнис.
Австралиската компанија стана препродавач на услугите на групата, доведувајќи дел од приходите во канцеларијата.
Џејсон Вард, главен аналитичар во Центарот за меѓународен данок и истражување, поддржан од синдикатот, изјави дека спогодбата е голема вест.
- Нема сомнение дека канцеларијата собра повеќе од она што ѝ го должеа овие технолошки гиганти отколку повеќето други глобални даночни власти; тие завршија одлична работа - изјави тој.
Но, тој смета дека итно е потребна поголема реформа за да му се стави крај на избегнувањето на даноците.
- Системот и понатаму има маана и има итна потреба од реформи.
Австралија треба да преземе чекори и да помогне во поттикнувањето значајни и фер глобални даночни промени - додаде тој.