X
 20.03.2021 Живот

Касу марцу - најопасното сирење во светот

Италијанскиот остров Сардинија е познат по многу нешта, а едно од нив е сирењето со црви касу марцу, кое во Гинисовата книга на рекорди е запишано како најопасното сирење во светот.

Вид муви положуваат јајца во пукнатините што се формираат во сирењето, а младите црви се пробиваат во внатрешноста на сирењето, притоа варејќи ги протеините и претворајќи го во крем-сирење. Потоа се сече горниот дел од сирењето, кој речиси е недопрен од црвите, и се јаде внатрешниот дел.

Сирењето е деликатес, но не е за секого. Некои мештани го мелат сирењето заедно со црвите, а други го јадат веднаш. Некои велат дека сирењето е афродизијак, а други дека тоа е опасно за здравјето бидејќи црвите може да преживеат при јадењето и да предизвикаат здравствени проблеми на цревата, иако досега не бил забележан ниту еден ваков случај.


Фото: Wikipedia

Забранета е комерцијалната продажба на сирењето, но жителите на Сардинија го јадат со векови. Доколку ја посетите Сардинија, сирењето нема да го најдете во ресторани, но може да го најдете кај мештаните, пренесува Си-ен-ен. Варијанти од сирењето со црви може да се најдат и во други региони на Италија.

Касу марцу најчесто се произведува на крајот од јуни кога се менува млекото од локалните овци, но и поради топлото и мирно време. Потребни се околу три месеци за тоа да биде готово.

Сирењето е регистрирано како традиционален производ во Сардинија и е заштитено, но е нелегално во Италија од 1962 г. поради закон што забранува производство на храна заразена со паразити. Луѓето што го продаваат сирењето би можеле да бидат казнети со 50.000 евра.

Автор: Агостино Петрони
Извор: cnn.com
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот