X
 20.03.2023 Живот

Возовите за спиење повторно стануваат популарни во Европа

Возовите за спиење се враќаат во континентална Европа поради зголемените предупредувања за климатските промени и зголемената желба на луѓето за поквалитетно патување.

33-годишната Џулија Сенингер од Шведска редовно патува со воз, не само за да го посети семејството во Луксембург, туку и да стигне до дестинацијата за летен одмор. Јулија претпочита да патува со воз наместо да лета, главно од еколошки причини. Таа вели дека возовите се поудобни, особено услугите за спиење.

- Многу е позабавно. Запознавате повеќе луѓе и имате поинтересни разговори - вели Џулија.

Џулија има среќа бидејќи возовите за спиење се враќаат во континентална Европа, со голем број нови услуги лансирани од минатото лето, а некои почнуваат подоцна оваа година или во 2024 година.


Многу помалку штетни материи

Уште во октомври Сенингер и нејзиниот сопруг патувале на новоотворената услуга за спиење во воз од Стокхолм до Хамбург, вториот по големина град во Германија.

Штетните материи што ги испушта возот се само мал дел од она што го испушта авионот. Летото од Стокхолм до Хамбург резултира со околу 250 килограми јаглероден диоксид по патник, според пресметките на веб-страницата „Екопасинџер“. Спротивно на тоа, јаглеродниот диоксид ослободен при патување со електричен воз е само 26 килограми.

Билетите за воз се и до 50 отсто поскапи отколку авионските

Љубителите на возовите претходно ги воодушеви веста дека белгиско-холандската железничка компанија „Јуропијан слипер“ ќе почне да превезува луѓе од Брисел и Амстердам до Берлин. Со оглед на позитивниот одѕив на корисниците, од следната година ќе ја продолжат и трасата до Прага.


Во 2024 година Франција планира да лансира возови за спиење кои ќе патуваат до 10 дестинации. Тие велат дека ќе бидат како хотели на шини со старомоден шарм од 20-тите години. Кет Џонс е основач и извршен директор на „Бајвеј травел“, ексклузивна туристичка агенција. Кет вели дека враќањето на популарноста на возовите за спиење ја „враќа радоста во патувањето“.

- Поентата на патувањето е искуството, а не само пристигнувањето. Луѓето се поврзуваат и одморот започнува кога се отвораат вратите на возот - вели таа.

Сепак, во зависност од локацијата, патувањето со воз може да биде поскапо од летовите. Цените за патување во Британија се дури 50 отсто поскапи од авионските билети. Сепак, спиењето во воз заштедува пари за хотел.

Извор: b92.net
Фото: Instagram
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот