X
 20.04.2018 Наука

Роботи составија стол за 20 минути

Неочекувано тешка картонска кутија полна со секакви делчиња. Навидум непотребни парчиња иверка. Многу завртки, клинци и гумички што предизвикуваат страв дека нешто може да остане како вишок.

Дури и ако сакате да склопувате мебел од ИКЕА, мора да признаете дека не е лесно. Сега тоа е добар тест и за роботи.

Тим од инженери на Технолошкиот универзитет „Нанјанг“ во Сингапур успеа да програмира два роботи за да го состават столот „Стефан“ од ИКЕА. Поединечните парчиња на столот биле поставени без некоја одредена шема. Користејќи 3Д-камери и сензори за сила, роботите го составиле столчето за околу 20 минути.

Составувањето столче од ИКЕА всушност вклучува многу сложени движења. Вметнувањето мал дрвен клин во мала дупка од едно од многуте расфрлени парчиња дрво што лежат на земја не е лесен подвиг: роботите треба да најдат каде да оди клинот, да го поместат и да применат доволно (но не премногу) сила за да го стават на место.



Овие индустриски роботи обично работат со многу прецизни и однапред дефинирани обрасци - тие никогаш не биле направени да прават мали движења истовремено контролирајќи ја количината на сила што ја користат. Затоа инженерите монтирале сензори за сила на самите роботи.

Додека подвигот два индустриски роботи да составуваат столче од ИКЕА е прилично импресивен, постоеја некои ограничувања во нивниот процес: тимот мораше да го кодира редоследот на настаните со значителен инженерски напор.

Значи, малку е веројатно дека во блиска иднина ќе имаме роботи што ќе ни го составуваат мебелот од ИКЕА. Но, и вештачката интелигенција и роботите напредуваат толку брзо, што не е незамисливо дека ќе имаме роботи што ќе можат да состават секаков вид мебел во иднина... ако не пронајдеме начин за 3Д-печатење на „Стефан“.
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука