X
 20.04.2019 Наша тема

Проблемот на талентираните деца во Македонија е исклучиво на државата! Дали ни требаат дома или да им ги отвориме ширум вратите на Европа?

Две години наназад подготвував средношколец кој освои две бронзи на меѓународните олимпијади по физика. На единственото место каде што конкурира го примија, апсолутно бесплатно, вели доц. д-р Ламбе Барандовски

Постои систем-алатка за рана детекција на деца со високо-функционирачки когнитивни способности. Се вика учител. Секој наставник што работел со деца во првите десет минути може да оцени кое дете е надарено или талентирано. Ова е ставот што Виктор Новаковски, директор на меѓународното училиште „Нова“, го изнесе на дискусијата „Развој и поддршка на талентирани деца“.


Тројца средношколци - учесници на меѓународни олимпијади / Фото: ФИТР

Панелот за состојбата со надарени и талентирани деца и начинот како институционално да се насочи и поддржи нивниот развој го организира Фондот за иновации и технолошки развој во партнерство со порталот Факултети.мк.

Новаковски вели дека независно што доаѓа од приватно училиште, има одличен увид на целиот образовен систем во земјава. Тој ги посетил најголемиот дел од основните училишта и во помал број гимназиите во нашата земја.
- Видов дека ние не ги учиме нашите деца да размислуваат, а тоа е нешто што може да се направи во првите пет минути од секој час, преку стратегии за критичко размислување кои секој наставник може да ги работи со децата. Тие стратегии се многу поразлични од стандардните содржини според кои е создадена националната наставна програма. Се темели на принципот размисли, удвој и сподели. Ако ги почнуваме сите часови со една ваква вежба, не мора да ги жртвуваме наставните програми. Тогаш ќе бидеме дел од системот на рана детекција - вели Новаковски.


Христијан Арсов, исклучително напредно дете од Велес

Тој е дециден дека нашиот образовен систем не ги учи децата на вредности кои се неопходни за тие да успеат во понатамошниот развој.
- Наједноставна вредност е истрајноста. Мора да ги научиме да бидат истрајни, но тоа ќе се случи само ако е дел од наставниот план. Тоа е рецептот за успех. Го имаме на дланка, сепак, толку многу го имаме искомплицирано на државен план - вели Новаковски.

Новите трендови се интердисциплинарност и холистички пристап

Според д-р Алма Тасевска, вонреден професор на Институтот за педагогија при Филозофскиот факултет во Скопје, проблематиката со надарени и талентирани деца не треба само да се разгледува од педагошки, психолошки, општествен или финансиски аспект, туку сите нешта кои значат нивна идентификација, стимулирање, поддршка и развој.
- Ние воопшто немаме во законската регулатива, ниту во практика зборуваме за идентификација на талентот од најмала возраст. Тоа не се решава со програми и курикулуми, туку треба да се навлезе длабоко во компетенцијата на секој што работи со дете. Тоа се воспитувачи, наставници, родители... Да се разбуди свеста за да се препознае талентот кај некое дете - објаснува Тасевска.


Проф. д-р Алма Тасевска и Христијан Арсов

Според неа, во нашиот образовен систем талентот главно се вбројува во неколку области - наука, техника, уметност, спорт и култура. Тоа е добар пристап, но се коси со легислативата од последниот период, за дефинирање на талентот и негово стипендирање за конкретен наставен предмет.
- Кој е последниот процес на третман на талентирани деца? Немаме ништо повеќе од редовната настава. Тек-тук некои воннаставни активности, дополнителни часови за одредена област... Новите трендови се интердисциплинарност и холистички пристап во кој детето ќе го даде максимумот во неговиот развој. Зборуваме за диференцијален пристап, каде што програмата се адаптира во согласност со потребите на талентираните деца. Каде што има интензивен процес на акцелерација на учениците, на сè повеќе изборни предмети каде што талентираните деца ќе можат да се пронајдат себеси. Тие за време на наставата немаат ваква можност - објаснува Тасевска.

Наставниците мора да се мотивираат – би биле среќни и со слободен ден

Ана Попризова долги години работи и како психолог и како професорка по психологија во скопското средно училиште „Орце Николов“. Таа го опишува чувството кога потенцијален гениј постигнал резултати да оди на меѓународна олимпијада, но се откажува затоа што неговите родители не можат да го покријат трошокот. Ќе заминат учениците од приватните училишта, но тој нема да оди.
- Ова добро го отсликува нашиот систем. Па со чанта преку рамо одам во државни институции, во градски, во невладини да барам поддршка за детето. Моја одговорност е да ги поддржам учениците. И како да му кажам на тоа дете или на неговиот самохран родител дека не можеме да обезбедиме 300 евра за Петница (Србија) – најпрестижната истражувачка станица во регионот. А неговата апликација поминала филтер од 20.000 пријави. Да не звучам критички, ова е реалноста што секојдневно ми се случува. Мора да се поддржат овие деца - вели Попризова.


Неопходна е поддршка за наставниците. Од нив сè почнува

Таа додава дека секој наставник што бил во настава за 10 минути може да оцени кои деца се талентирани. Но, тоа го отвора прашањето за мотивираноста на наставниците и професорите.
- Потребна е менторска поддршка за наставниците. Бидејќи ги препознаваат учениците, но не знаат како да работат со нив. Покрај тоа, нивните активности подразбираат дополнителни часови, работни викенди, а тоа никако не е платено. Верувајте, тие би биле среќни барем да имаат дополнителен слободен ден по работен викенд - вели Попризова.

Таа ја нагласува потребата системот конечно да почне да ги препознава и учениците со исклучителни социјални вештини и социјална интелигенција. Тие организираат настани, учествуваат во стартап-иницијативи, но нашиот образовен систем тоа не го препознава.
- Поради нивните воншколски активности, на овие ученици најчесто им опаѓа успехот, а професорите ги гледаат како да бегаат од часови. А овие ученици едноставно имаат жар да учествуваат во тоа што ги исполнува. Ако сакаме да поддржуваме идни лидери, мора да мислиме на овие ученици - вели Попризова.

Во 90% од нашите образовни институции не постојат лаборатории по физика

Д-р Ламбе Барандовски е претседател на Друштвото на физичарите на Македонија, ментор на ученици кои се натпреваруваат на меѓународни олимпијади и доцент на Институтот по физика. Тој вели дека вистинското прашање е: Дали на Македонија ѝ се потребни талентираните и надарени деца?

Ламбе Барандовски (прв од десно кон лево) и Миха Буклески, до него

- Ако државата се фали дека донела странски инвестиции каде што ќе се вработат нискоквалификувани работници и тоа е максималниот домет, тогаш единствениот систем што ние можеме да им го дадеме на овие ученици е да им ја отвориме вратата и да си заминат во Европа. Тие тоа и го прават. Многумина велат дека родителите и наставниците треба повеќе да се ангажираат. Апсолутно не се согласувам. Проблемот на талентираните деца е исклучиво проблем на државата. Дали државата има потреба од нив или да ги пуштиме да си заминат? – прашува Барандовски.

Тој објаснува една од апсурдните ситуации - на учениците што ќе освојат медал им се дава стипендија, а државата никако не го финансира патот до таму, котизацијата за учество, подготовките...
- Две години наназад подготвував средношколец кој освои две бронзи на меѓународните олимпијади по физика. Тој е Александар Иванов, го поздравувам, денес е успешен студент на Љубљанскиот универзитет. Единственото место каде што конкурира и го примија. Апсолутно бесплатно. Дали таткото на овој средношколец требаше да оди од врата на врата и да моли за неговиот син да отпатува на меѓународна олимпијада во Индонезија или во Лисабон? Или тоа да го прават професорите што работат со него, оние истите што се сведени на нула во оваа држава? Оние  чија плата е два пати помала од плата на луѓето што фотокопираат во дел од државните институции? Ние се грижиме за нашите талентирани деца така што во 90% од нашите образовни институции не постојат лаборатории по физика - вели Барандовски.
Подготвил: Весна Ивановска-Илиевска / vesna.ivanovska@fakulteti.mk

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема