Едгар Мекгрегор, 21-годишен климатски активист, стана одличен пример за тоа како една личност може да има големо влијание.
Од 2019 година тој спроведува секојдневно чистење во обид да го направи својот локален парк беспрекорен. Тој почна да ги документира своите напори за собирање ѓубре со кратки видеа објавени на „Твитер“, кои станаа вирални, па дури и го привлекоа вниманието на друга млада климатска активистка - Грета Тунберг. И иако Мекгрегор заврши со чистење на неговиот локален парк - Кањонот Итон - по две години секојдневни прошетки, тој сè уште го прави истото.
Во моментов тој е на 1.026 ден од она што го нарекуваат #EarthCleanUp. Мекгрегор продолжува да се враќа во кањонот Итон, во неговиот роден град Пасадена за да го одржува, но сега оди и во други паркови додека студира метеорологија на Државниот универзитет во Сан Хозе. Неговите шармантни дневни видеа ја покажуваат страста што ја има за излегување во природа и за неговиот напор овие паркови да останат чисти. Попатно, тој споделува некои од неговите интересни откритија, од пластични шишиња до „ајфони“ и лименки пиво од 70-тите години.
За една локална телевизија тој неодамна изјави дека собрал над 6.800 килограми ѓубре. Тоа што го прави со ѓубрето откако ќе го собере е еднакво импресивно. Сите пари што ги заработува од рециклирање им ги донира на различни еколошки добротворни организации. Дел од парите се наменети за засадување нови фиданки во неговиот локален парк.
Иако собирањето ѓубре е важно, Мекгрегор вели дека тој се радува и на секојдневните прошетки бидејќи тие му дозволуваат да поминува повеќе време во локалните паркови.
- Понекогаш излегувам два часа, понекогаш имам само 10 минути, но навистина сакам да бидам таму. Паркот постојано се менува и можете да го забележите тоа кога сте таму - вели тој.
Мекгрегор првично почнал да го чисти кањонот Итон кога било објавено дека Олимпијадата во 2028 година ќе се одржи во Лос Анџелес. Тој бил загрижен дека валканите паркови ќе бидат глобален срам и донесе одлука да направи нешто околу тоа. Но сега неговите постапки ги поттикнаа и другите. Хаштагот #EarthCleanUp е исполнет со други активисти кои го следат неговиот пример и прават нешто за планетата Земја.
- Најтешкиот дел за да се стане климатски активист е да се направи првиот чекор. Не е важно дали сакате да се туширате пократко, дали сакате да не возите автомобил, дали сакате да јадете помалку говедско месо, дали сакате да ги правите сите тие работи. Само изберете нешто и бидете гласни за тоа. Кажете им на вашите пријатели, соседи, соработници и семејството што правите, зошто го правите тоа, а остатокот е историја. Не е важно колку малку сте вклучени, само направете нешто - вели тој.
Извор:
Mymodernmet.com
Фото: Twitter