Во Јапонија моментално владее исклучителна побарувачка за бизарни роботски волци со светлечки очи кои служат за заплашување мечки.
Роботскиот „Монстер волф“ првично беше развиен за да ги брка елените и дивите свињи од фармите, но сега сè почесто се поставува покрај станбени населби, терени за голф, туристички комплекси, па дури и градилишта.
Роботот е развиен од јапонската компанија „Охта Сеики“/„Волф Камуј“ со седиште на Хокаидо, а изгледа толку застрашувачки колку што посочува и неговото име. Опремен е со инфрацрвени сензори кои ги детектираат животните во близина, по што му светнуваат црвените очи, главата почнува да му се движи, а од звучниците се слуша завивање на волци и агресивни звуци чија цел е да предизвикаат страв и паника.
И колку и да изгледа апсурдно целата работа, очигледно функционира. Надзорните камери повеќепати снимиле мечки и диви свињи кои веднаш побегнале по активирањето на роботот, а побарувачката стана толку голема што купувачите чекаат до три месеци за испорака. Притоа, проблемот е реален. Јапонија неодамна забележа повеќе од 50.000 пријавени средби со мечки, со зголемен број на напади. Како дел од причините се наведуваат климатските промени и недостигот на храна, кои ги принудуваат дивите животни да се приближуваат до урбаните подрачја.
Фото: принтскрин/јутјуб