X
 20.06.2021 Живот

Факт или мит? Дали пиењето вода помага при губењето килограми?

Околу 60% од човековото тело е вода. Дури 83% од белите дробови се составени од вода, 64% од кожата и 31% од коските. Водата ги штити внатрешните органи, ја регулира телесната температура и помага во пренесувањето на кислородот низ телото, меѓу другото. Но дали водата може да ни помогне да ослабнеме? Накратко, да, според „Дискавр магазин“.

Постојат научни докази дека пиењето доволно вода може да игра улога во губењето вишок килограми. Една од причините е дека полнењето на желудникот со вода може да го намали апетитот за храна полна со калории.


Фото: Pixabay

Како што објаснува нутриционистката Тамара Вилнер, телото честопати ги меша чувството на жед и она на глад, па затоа нареден пат кога ќе почувствувате глад, прво напијте се вода и дури потоа видете дали навистина сте гладни.

Вилнер додава и дека пиењето вода наместо засладени пијалаци може да го намали апетитот за храна полна со шеќер, што може да придонесе кон слабеењето. Згора на тоа, водата индиректно може да ни помогне да потрошиме повеќе калории преку вежбањето бидејќи дури и малата дехидратација може да предизвика чувство на замор и недостиг на фокус.


Фото: Pixabay

Понатаму, мало истражување од 2003 покажало дека пиењето вода го забрзува метаболизмот, иако Вилнер предупредува дека сè уште нема цврсти докази дека водата има некакво влијание врз метаболизмот и досегашните истражувања на темата биле спроведени на мал број испитаници.

Нутриционистите препорачуваат пиење вода, иако нема дефинитивен одговор на прашањето за точното количество вода што треба да се консумира. Некои експерти тврдат дека треба да се пие тогаш кога се чувствува жед, но здружението на академии по наука, инженерство и медицина на САД препорачува околу 2,7 литри вода дневно за жени и 3,7 литри вода за мажи.

Извор: discovermagazine.com
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот