Дали сте слушнале за терминот „суперземја“? Станува збор за вид планета која, иако не постои во нашиот Сончев Систем, е прилично честа појава. Овие карпести светови се неколку пати поголеми од Земјата, а новото откритие вели дека повеќето од нив се прекриени со вода.
Научното истражување наведува дека повеќето се „роднини“ на нашата Земја и на овие карпести светови водата зазема приближно половина од нивната целокупна маса. Колку за споредба, водата зазема мал процент од масата на Земјата.
Проблемот со водените светови е тоа што не се наоѓаат на топ-листата со потенцијални туристички дестинации. Овие планети наводно се покриени со вода, додека поголемиот дел од атмосферата им ја сочинува водената пареа. Нивната површина е покриена со огромни океани под екстремни притисоци и температури - помеѓу 200 и 500 Целзиусови степени. Ваквите услови, колку и да звучат страшно, не мора нужно да спречуваат појава на живот.
- Животот на ваквите планети би можел да се развие во близина на површината каде што притисокот, температурата и хемискиот состав се многу погостопримливи - вели главниот автор на истражувањето, Ли Зенг.
Тој е апсолутно убеден дека овие планети може да изгледаат како гасовит џин, чие јадро се наоѓа длабоко под дебелиот слој на гас.
- Мора да имате на ум дека водата е присутна во најоддалечените делови на вселената и дека, за разлика од онаа на Земјата, таа постои во изобилство, со оглед на тоа дека кислородот, покрај водородот и хелиумот, е најчестиот хемиски елемент во
вселената - вели Зенг.