X
 06.12.2024 Наша тема

Зошто е намален интересот за студиите по електроенергетски системи: Средношколците покажуваат повеќе интерес за технологии кои им се дел од секојдневието

Во последните неколку години е намален интересот за студирање на насоките на факултетите кои покриваат области што ќе бидат клучни во следните десетина години, каква што е енергетиката.

На студиите по електроенергетика и проектен менаџмент се запишале 21 студент во првиот уписен рок, додека на студиите по електроенергетски системи ќе студираат само 10 студенти во државна квота.
За разлика од овие струки, катедрата по компјутерско системско инженерство, автоматика и роботика ќе има 60 студенти во државна квота и 17 во приватна, а 99 студенти се примени на компјутерски технологии, од нив 80 во државна квота. На електроенергетика и обновливи извори на енергија ќе студираат 32 студенти.

На компјутерско хардверско инженерство се запишале 25 студенти во првиот уписен рок, додека на телекомуникациско инженерство ќе студираат 18 студенти. Иако електроенергетските системи се критична инфраструктура во општеството, сепак, идните студенти покажуваат повеќе интерес за технологиите што им се дел од секојдневието.

- И покрај тоа што електроенергетските системи и инфраструктура се клучни за општеството и во практика претставуваат реален систем кој во себе интегрира мноштво технологии, вклучувајќи и нови алатки развиени со примена на информациски и комуникациски технологии, сепак, средношколците покажуваат поголем интерес за новите технологии кои ги препознаваат како дел од нивното секојдневие. Ова е глобален тренд, па со слични предизвици се соочуваат и универзитетите низ Европа - вели деканот на ФЕИТ, проф. д-р Владимир Атанасовски.



Според него, енергетската криза, но и процесот на енергетската транзиција и интеграцијата на производството од обновливи извори на енергија создаваат потреба од инженерски кадар од сите области, вклучително и од електроенергетиката.

- Вообичаено, потребен е извесен временски период за општеството да ги препознае потребите, но веќе се забележува нагорен тренд во интересот за студирање на ФЕИТ. Не треба да се занемари и потребата за унапредување на знаењата и вештините поврзани со новите технологии на професионалците кои работат во електроенергетиката, на што исто така треба да се работи во континуитет. ФЕИТ придонесува и на ова поле, со можностите за доживотно учење. Наша цел е да продолжиме да го одржуваме квалитетот во наставата и да образоваме кадри кои се подготвени за справување со новите предизвици - додава Атанасовски.

На студиите по електроенергетика и проектен менаџмент лани се запишале седум студенти, додека на студиите по електроенергетски системи само четворица студенти во државна квота.

За разлика од овие струки, Катедрата по компјутерско системско инженерство, автоматика и роботика секогаш е преполна, како и Катедрата по компјутерски технологии.
За ФЕИТ, тоа е делумно одраз и на глобалните трендови, како и на слабата препознатливост на електроенергетиката како идна професија во која можат да се реализираат младите луѓе.

- Вреди да се забележи дека бројот на студенти на електроенергетските студиски програми циклично се менува во текот на изминатите дваесетина години, што е делумно одраз и на глобалните трендови, развојот на други области кои во моментов се поврзани со интензивен технолошки напредок, како и со слабата препознатливост на електроенергетиката како идна професија во која можат да се реализираат младите луѓе. Така, пред помалку од десет години на овие студиски програми студираа и по триесетина студенти по насока. Веќе оваа година забележавме пораст на бројот на запишани, а се надеваме дека тој тренд ќе продолжи. Бројот на студенти на втор циклус на енергетските насоки низ годините е постојан, а често нивните магистерски тези се резултат на реални проблеми од практиката. Тоа покажува дека овие инженери ѝ се потребни на индустријата и дека од нив се очекуваат решенија кои ќе имаат практична примена - објаснува деканот на ФЕИТ.

Енергетската транзиција, која е неминовен процес, може да се оствари само ако имаме кадар кој е спремен да одговори на предизвиците, смета Атанасовски.



Во таа насока ФЕИТ постојано ги унапредува наставните содржини за да ги подготви своите дипломирани инженери за овие процеси, што е и клучната улога на една високообразовна институција.

- Проблемите во инженерството денес често се интердисциплинарни. Токму затоа на нашите студенти од различни студиски програми им овозможуваме да се вклучат во интердисциплинарни тимови и да соработуваат во изработка на трудови или, пак, како учесници на предизвици и натпревари. На тој начин ги мотивираме да ги прошират своите знаења од други области, но и да размислуваат како определени решенија што традиционално се применуваат во една област можат да придонесат во друга. Дополнително, преку Центарот за нови студенти на ФЕИТ се обидуваме да ја зголемиме препознатливоста на сите студиски програми и можностите за понатамошно профилирање во одредени области. Центарот е постојано достапен за сите заинтересирани средношколци, кои можат организирано да дојдат на ФЕИТ и од нас да дознаат повеќе за нашите студиски програми - образложи деканот.

За да не се соочиме со ситуација во следните 10 до 15 години да останеме без кадар за одржување на енергетската мрежа и капацитетите, како и без кадар за енергетска транзиција, државата мора да има стратегија и потребен е напор на сите институции и компании.

- Во државата од скоро е формирано Министерство за енергетика, рударство и минерални суровини, што е сигнал за значењето на секторот, но и за потребите од унапредување на политиките во енергетиката. Без континуирано снабдување со енергија на ефикасен и одржлив начин, ќе биде тешко да се постигнат целите на енергетската транзиција и зачувување на животната средина. Потребен е заеднички напор на институциите, но и компаниите, за да се укаже јасно на потребата од образован кадар кој ќе може да го спроведе процесот на енергетска транзиција, кој по значење е споредлив со електрификацијата на земјата од педесеттите години од минатиот век. 

ФЕИТ во овој процес придонесува со образување квалитетен кадар кој може да ја преземе одговорноста за спроведување на процесот, но не е единствен чинител. Од комуникацијата што ја остваруваме со компаниите и институциите препознаваме волја за подигнување на свеста кај јавноста и кај младите за значењето на секторот, што се надеваме дека ќе има позитивен импулс во интересот за студирање на електроенергетските студиски програми.Препознавајќи ја потребата од квалитетен кадар, електроенергетските компании ЕСМ, МЕПСО и ЕВН Македонија подолг период доделуваат стипендии за најдобрите студенти на прв циклус студии, а овозможуваат и практична работа за нашите студенти. Овие активности даваат плод, но сепак, потребни се и координирани кампањи и активности за младите да ја препознаат реалната потреба во секторот, а и можностите за идни вработувања. Инженерите треба да бидат соодветно вреднувани во компаниите и, воопшто, во општеството, затоа што тие се носители на технолошкиот развој на секоја држава - заклучи деканот на ФЕИТ.
Подготвил: Орце Костов

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема