Најновите научни истражувања, зајакнување на регионалната соработка и креирање цврсти врски помеѓу академската и деловната заедница ќе бидат во фокусот на научниот конгрес "Science@FEEIT", кој ќе се одржува од 9 до 12 мај 2024 година во Скопје. "Science@FEEIT" е во организација на Факултетското студентско собрание (ФСС) при Факултетот за електротехнички и информациски технологии при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, а годинава ќе се одржи по четврти пат. За да се зајакне соработката помеѓу студентите, факултетите и бизнис-заедницата, годинава "Science@FEEIT" првпат ќе биде организиран на регионално ниво и ќе учествуваат и претставници на техничките факултети од регионот.
"Science@FEEIT" е платформа која служи за размена на иновациите во науката, најновите истражувања во областа на техничките науки и зајакнување на партнерствата и соработката помеѓу професорите и студентите. Покрај тоа, целта на оваа платформа е и градење цврсти мостови помеѓу студентите и деловната заедница и поголемо вмрежување. Преку овие активности "Science@FEEIT" придонесува за подигнување на квалитетот на стручни знаења, но истовремено се подобрува квалитетот на кадар на пазарот на труд.
На годинешното издание на "Science@FEEIT" ќе се презентираат најновите достигнувања во неколку панели, поделени во теми. Панелите се посветени на теми како вештачка интелигенција и машинско учење, но и теми поврзани со кариерно насочување по завршување на студиите, а свои излагања ќе имаат професори, претставници од бизнис-заедницата и млади истражувачи.
"Science@FEEIT" е поддржан и од бизнис-заедницата, пред сѐ, од компании од неколку различни индустрии, и тоа телекомуникации, енергетика, информатичка технологија и други полиња од областа на инженерството. Претставниците на компаниите кои ја поддржуваат конференцијата ќе имаат можност за презентација на иновациите што се имплементирани во нивното работење, а ќе можат да ги презентираат и условите за работа пред студентите кои се во завршните години од своето образование.
- Во ера на брза дигитализација, иновации, вештачка интелигенција и целосна трансформација на општествата, јакнењето на врските помеѓу академската и деловната заедница е од клучно значење. Така се овозможува размена на искуства и знаења, но истовремено се поттикнуваат иновации, нови истражувања и континуирано надградување што е клучно за нас, студентите. Наша цел е да придонесеме кон постојано унапредување на нашите знаења и зајакнување на соработката со сите релевантни страни бидејќи така ќе се стекнеме со знаења кои се бараат на пазарот на трудот и ќе придонесеме кон унапредување на едукацијата. Имаме огромна поддршка од сите наши професори и целокупниот научно-наставен кадар, што е од огромно значење. Драгоцена е и поддршката од деловната заедница и се надеваме дека соработката ќе се продлабочува во следниот период - истакнаа од Факултетското студентско собрание при ФЕИТ.
Покрај "Science@FEEIT", Факултетското студентско собрание активно работи и на организација на неколку други настани посветени на посебни сегменти од електротехничките науки какo Tech@FEEIT и Applied@FEEIT, а се работи за препознатливи научни настани со неколкугодишна традиција.