Специјалниот известувач на Обединетите нации за човекови права во Авганистан, Ричард Бенет, пред Советот за човекови права во Женева рече дека дејствијата на талибанците против авганистанските жени и девојки може да се третираат како „родов апартхејд“ бидејќи Владата продолжува сериозно да ги крши нивните права.
-Тешката, систематска и институционализирана дискриминација на жените и девојките е во срцето на идеологијата и правилата на талибанците, што исто така предизвикува загриженост дека тие можат да бидат одговорни за родовиот апартхејд -наведе Бенет во извештајот, кој го опфаќа периодот од јули до декември 2022 година.
Тој истакна дека е укажано на потребата повеќе да се истражува родовиот апартхејд, кој во моментов не е меѓународно кривично дело, но може да стане.
Портпаролот на талибанците Забихула Муџахид изјави дека талибанската администрација го спроведува исламскиот закон и ги обвини Обединетите нации и западните институции за, како што рече, пропаганда.
-Извештајот на Ричард Бенет за ситуацијата во Авганистан е дел од таквата пропаганда која не ја одразува реалноста - се вели во соопштението на Муџахид.
ОН го дефинира родовиот апартхејд како економска и социјална дискриминација на поединци поради нивниот пол.
Талибанците ја презедоа власта во август 2021 година и оттогаш драстично ги ограничија слободите и правата на жените, вклучително и посетувањето средно училиште и колеџ.
Во април талибанските власти почнаа да спроведуваат забрана за авганистанските жени кои работат за ОН.
Извор: МИА