X
 01.09.2021 Живот

Нема музика, владее страв... - животот во Авганистан денес

Пред последниот американски авион да го напушти Кабул во понеделникот на полноќ, убавите звуци од градскиот живот во Авганистан почнаа да исчезнуваат, додека оние што останаа се обидуваа да се вклопат во строгиот тон на новите талибански владетели.

Талибанците досега се обидуваа да му покажат на светот поинакво лице, без строги јавни казни и директни забрани за јавни забави, што го означи нивното време на власт пред 2001 година.

Културните активности се дозволени, велат тие, сѐ додека се во согласност со шеријатскиот закон и исламската култура во Авганистан.

Талибанските власти во Кандахар, родното место на движењето, минатата недела издадоа официјална наредба против радиостаници што емитуваат музика, но за многумина наредбата не беше ни потребна.

Шарените излози на продавниците веќе се обоени, фармерките се заменети со традиционални фустани, а радиостаниците се префрлија од хинди и персиски поп на мрачна патриотска музика.

Сите сме во состојба на шок


- Талибанците не ни наредија да смениме нешто, засега ја променивме програмата затоа што не сакаме талибанците да нѐ принудат да затвориме - рече Калид Седиќи, продуцент на приватна радиостаница во градот Газни.

- Никој во оваа земја не е расположен за забава, сите сме во состојба на шок. Не сум сигурен дали некој повеќе ќе го вклучи радиото - додава тој.

Во 20 години влада поддржана од Западот, во Кабул и други градови беше развиена живописна популарна култура со многу бодибилдери, енергетски пијалаци, екстравагантни фризури и џангл-поп. Турските серии и телевизиските емисии како „Авганистанска ѕвезда“ станаа голем хит.

kabul
Фото: Screenshot/YouTube

Токсично

Промената не беше видлива кај постарите талибанци, од кои многумина израснаа во верски медреси (исламски училишта каде што се подготвуваат идните муслимански свештеници) и живееја во конфликти и тешкотии.

- Нашата култура стана токсична, секаде се гледаа руското и американското влијание, дури и во храната што ја јадеме. Луѓето треба да го разберат тоа и да ги направат потребните промени. Ќе биде потребно време, но ќе се случи - вели талибански командант.

Промената веќе се забележува низ целата земја.

Иако високи талибански претставници постојано повторуваат дека нивните сили треба да се однесуваат кон населението со почит и да не изрекуваат произволни казни, многумина се сомневаат во тоа или не веруваат дека можат да ги контролираат своите борци на улиците.

Луѓето се исплашени затоа што талибанците тепаат

- Нема музика во целиот град  Џалалабад, луѓето се плашат затоа што талибанците тепаат луѓе - вели Насим, поранешен службеник во источната провинција Нангархар.

Зарифула Сахел, локален новинар во провинцијата Лагман во близина на Кабул, рече дека шефот на талибанската локална комисија за култура им кажал на државното радио и шест приватни радиостаници да ги приспособат своите програми за да се усогласат со шеријатскиот закон.

Оттогаш, музичките, политичките, културните и информативните програми што не обработуваат верски прашања пресушија.

Дури и таму каде што не се издадени официјални наредби, пораката е јасна: нема повеќе слободно движење и побезбедно е да не се истакнувате.

- Се плашам дека ќе станам цел на талибанците ако ме видат во фармерки, маици од Западот или костум - вели Мустафа Али Рахман, поранешен даночен службеник во провинцијата Лагман.

Поранешен активист од градот Мазари Шариф рече дека се чини дека продавниците и рестораните сами одлучиле да го исклучат радиото.

- Нема предупредување за музика, но луѓето сами ја исклучија - вели тој.



Извор: Trtworld.com
Фото: Screenshot/YouTube
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот