Пред стартот на Универзитетската летна пракса за студентите на УКЛО, која Универзитетот во соработка со Општина Битола и оваа година ја организира и ќе ја реализира во летните месеци од 1 јули 2024 до 1 октомври 2024 година, бележиме една од поинтересните успешни студентски приказни од периодот на платената летна студентска пракса во 2023 година.
Таква е успешната приказна на нашата Јована Кумчевска, студентка на Техничкиот факултет – Битола, на Машинскиот отсек, која во првиот серијал, платената летна универзитетска пракса ја реализираше во ЈП СИЗ Жабени Битола, под менторство на Владо Талевски, директор на ЈП СИЗ Жабени.
Имено, во текот на овој практикански период Јована работеше на физибилити студија за изведба на кровна фотоволтаична електрична централа, со елаборирање на нејзините основни локациски, технички и економски перформанси за инсталирана моќност до 9 kW.
Разговараме со Јована :
1. Зошто одбра да студираш на УКЛО? Зошто е добро да се студира ДОМА?
Јована: Изборот на Универзитет претставува индивидуална одлука, мојот избор да студирам на Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола (УКЛО) се темели на моите лични приоритети и цели. УКЛО нуди широк спектар на студиски програми, што ми овозможи да ја најдам идеалната програма која одговара на моите интереси и кариерата што сакам да ја изградам. Универзитетот има одлични врски со локални и меѓународни компании и институции, што ми овозможува да стекнам бесценето практично искуство преку пракси и проекти. Ова не само што го збогатува моето знаење, туку и ми помага да воспоставам важни контакти за мојата иднина. Можноста да бидам фокусирана само на студиите, во пријатна и поддржувачка средина покрај моето семејство, претставуваше идеален избор за мене.
2. Што ти овозможи проектот Универзитетска летна пракса и кои моменти од овој проект помеѓу УКЛО и Општина Битола, или конкретно во твојот случај помеѓу УКЛО и ЈП Жабени, би ги издвоила?
Јована: Проектот Универзитетска летна пракса ми овозможи практично искуство кое значително го збогати моето теоретско знаење стекнато на Техничкиот факултет во Битола. Во рамките на овој проект, имав можност да работам во Јавното Претпријатие Жабени, што ми овозможи да се запознаам со реалните работни процеси и предизвици во мојата област на студии. Проектот ми помогна да ги развијам моите професионални вештини, како што се комуникација, тимска работа и решавање проблеми. Работата со искусни професионалци ми овозможи да научам многу корисни техники и пристапи. Практичното искуство ми помогна да ги идентификувам моите лични силни страни и области каде што треба да се подобрам. Ова е особено важно за мојот професионален развој и самоподобрување.
Еден од најзначајните моменти од мојата пракса беше изработката на физибилити студија за проект на ЈП Жабени. Оваа задача вклучуваше детална анализа на економската, техничката и правната изводливост на проектот. Преку ова искуство научив како се спроведува сеопфатна проценка и како се подготвуваат извештаи кои служат за донесување на стратешки одлуки.
3. Што претставува за тебе можноста да се работи на еден вистински проект – физибилити студија за фотоволтаична електрана уште во периодот на студирањето?
Јована: Можноста да работам на вистински проект претставува навистина важно искуство за мене. Преку работа на конкретни задачи, научив како се спроведуваат аналитички процеси и како се користат различни алатки за проценка на изводливоста на проектите. Проектот ми овозможи да се запознаам со спецификациите на индустријата за обновлива енергија, особено со технологиите и регулативите поврзани со фотоволтаични електрани. Ова е многу важно бидејќи обновливите извори на енергија стануваат сè позначајни во глобалниот енергетски сектор. Ова искуство ми овозможи да го разберам процесот на изработка на физибилити студии и да стекнам самодоверба во моите способности. Ваквите практични искуства се клучни за подготовка за мојата кариера бидејќи ми даваат реален увид во работните процеси и очекувањата на работодавачите.
4. Ги исполни ли УКЛО твоите очекувања? И која е твојата порака до сегашните и идните студенти на УКЛО?
Јована: УКЛО е на одличен пат, сведоци сме на секојдневното подобрување на Универзитетот, што е особено видливо преку огромниот напредок на светските ранг-листи. Се надевам дека и во иднина ќе продолжи да се развива и да привлекува студенти кои се желни за наука, знаење и напредок. Со ова ќе се обезбеди висок квалитет на образование и истражувачка дејност.
Мојата порака до сегашните и идните студенти на УКЛО е да бидат храбри и сигурни во себе, бидејќи секој кој е трудољубив, постојан и одговорен ќе го пронајде патот до успехот. Да ја користат целата литература која е достапна, најпрво од библиотеките и професорите, а потоа од интернетот, кој изобилува со учебници и предавања од престижни светски унверзитети. Да се фокусираат на практичните искуства, особено студентите на технички науки, а образованието да го разберат како инвестиција во нивниот личен развој и нивната иднина, која со сигурност ќе им се исплати.
Разговаравме и со проректорката за студентски работи на УКЛО проф. д-р Јасмина Буневска Талевска, која смета дека придобивките од Универзитетската летна пракса се значајни и за институциите и особено за студентите бидејќи студентите остануваат дома во летниот период, стануваат дел од домашните институции, директно се вклучуваат во работниот процес на нашите институции и систем со што дополнително се стекнуваат со практични знаења и искуства. Истовремено, додава Буневска-Талевска, ме радува што високо се оценува и вреднува ангажираноста на студентите што е значајна поддршка за институциите во периодот кога дел од администрацијата користи годишни одмори.
Според проректорката Буневска-Талевска, УКЛО заедницата е бројна, па бројни се и персоналните постигнувања на студентите, но ние се трудиме секогаш да најдеме пригодна можност да ги посочиме, да се истакнат резултатите на студентите, за да мотивираат.
-Верувам дека и постигнувањето на Јована ќе биде мотив за сегашните и идни студенти на УКЛО, а за Јована широко ги отвараме вратите на Студентскиот еколошки клуб ЛОК-УМ поддржан и од Министерството за животна средина и просторно планирање, за да го продолжи и надоградува своето истражување - додава проректорката за студентски работи на УКЛО, проф.д-р Јасмина Буневска-Талевска.
(Комерцијална објава)