X
 09.08.2018 Образование

Престижен универзитет во Јапонија им крател поени на приемниот на девојките

Намалување на поените што девојките ги добиле на приемните испити за предност да им се даде на машките кандидати била децениска практика на Медицинскиот универзитет во Токио. Оваа приказна ја споделиле неколку јапонски медиуми, а потоа внатрешната контрола докажала дека тоа е вистина.

Медицинскиот универзитет во Токио ги манипулирал сите приемни испити започнувајќи од 2006 година или уште порано, според наодите објавени од адвокатите вклучени во истрагата.

Универзитетот, кој првично негирал дека се случило вакво нешто, изјави дека ова не требало воопшто да се случи и вети дека нема да се повтори. Универзитетот изјави дека размислува за ретроактивно признавање на оние што инаку би го положиле приемниот испит, иако не објасни како ќе го стори тоа.

токио
Фото: Getty Images


- Искрено се извинуваме за незаконското дело поврзано со манипулацијата на приемниот испит, што предизвика загриженост и проблеми за многу луѓе и што ја изневери довербата на јавноста - изјави директорот на универзитетот, Тетсуо Јукиока, на одржаната прес-конференција. Тој негираше дека претходно знаел за манипулацијата со резултатите и изјави дека никогаш не бил вмешан.

- Се сомневав дека постои недостиг на чувствителност на правилата на современото општество, во кое жените не треба се третираат поинаку поради нивниот пол - рече тој.

Јукиока рече дека жените не биле третирани поинаку откако ќе се запишеле на универзитетот, но призна дека некои луѓе сметаат дека на жените не треба да им биде дозволено да станат хирурзи.

Манипулацијата била откриена за време на истрагата поврзана со запишувањето на синот на еден вработен во министерството за образование, во замена за поволен третман на училиштето при добивање истражувачки фондови. Вработениот и поранешниот шеф на училиштето се обвинети за поткуп.

Истрагата покажа дека на приемниот испит оваа година училиштата ги намалиле резултатите од сите кандидати во првата фаза за 20 отсто, а потоа им дале најмалку 20 поени на машките кандидати, освен на оние што не успеале да го положат тестот најмалку четири пати. Слични манипулации се случувале со години бидејќи училиштето сакало да има помалку жени лекари, бидејќи тоа значело дека тие ќе ги скратат или запрат нивните кариери откако ќе имаат деца.

Не е јасно колку девојки се погодени, но практиката започнала во 2006 година, со што потенцијално зафаќа голем број кандидатки.

Синот на службеното лице од министерството за образование, кој трипати паднал на испитот, добил 20 дополнителни поени.

Во извештајот се наведува дека манипулацијата е „длабок сексизам“. Адвокатот Кенџи Накаи изјави дека истрагата сугерира дека поранешниот директор на универзитетот земал пари од некои родители што барале привилегиран третман за своите синови и дека манипулацијата била дел од длабоко вкоренета култура, која нема праведност и транспарентност.

Речиси 50 отсто од Јапонките имаат високо образование, но често се соочуваат со дискриминација на пазарот на труд. Се смета дека жените се одговорни за домаќинството, воспитувањето деца и грижата за постари роднини, додека од мажите се очекува да работат многу часови.

Скандалот предизвика бес на социјалните медиуми.

- Имам 29 години и веројатно никогаш не да се омажам. Жените се сожалувани ако не се омажат, но Јапонките што се во брак и работат и имаат деца, спијат помалку од кој било во светот. Информацијата дека дури и нашите вештини се потиснати ме тера да се тресам од бес - вели една девојка.

- Ги игнорирав моите родители кога ми велеа дека жените не припаѓаат во академскиот свет и успеав да се запишам на најдобриот универзитет во Јапонија. Но на интервјуата за работа постојано ми велат дека ако бев маж, веднаш ќе ме вработеа. Мојот непријател не беа моите родители, туку самото општество - вели друга девојка.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование