Некаде помеѓу два и четири попладне се случува мал, но упорен саботер на секојдневието. Денот сè уште не е готов, обврските се натрупуваат, а енергијата нагло паѓа. Фокусот се распрскува, мислите стануваат магливи, а раката речиси рефлексно посегнува по уште едно кафе или нешто благо. Тој познат пад не енергијата не е знак на слабост, ниту на мрзливост, туку многу логична последица на начинот на кој јадеме и живееме – и токму тука лежи и неговото решение.
Нутриционистите Челси Амер, Ли Котон и Ејми Гудсон се согласуваат за една работа: клучот за стабилна енергија не е во брзите трикови, туку во доследноста. Со други зборови, она што го јадеме (и кога го јадеме) во текот на денот има директно влијание врз тоа дали попладне ќе „прегориме“ или ќе го одработиме денот мирно и фокусирано.
Редовни и балансирани оброци
Не прескокнувајте ги појадокот и ручекот и не живејте на кафе до 14 часот. Комбинацијата од протеини, влакна и здрави масти го одржува шеќерот во крвта стабилен, па затоа нема нагол пад на енергијата. Најчестата причина за тој нагол пад на енергијата се крие во нивото на шеќер во крвта. Кога ги прескокнуваме оброците, јадеме нередовно или се потпираме на нутритивно сиромашна храна, телото едноставно останува без гориво. А кога нема гориво, нема ни енергија. Како што објаснува Котон, организмот реагира многу брзо: концентрацијата паѓа, телото забавува, а чувството на исцрпеност станува речиси неизбежно. Но, работата не е само во количината на храна, туку и во нејзиниот квалитет. Храната богата со нутритиенти - зеленчук, овошје, интегрални житарки, квалитетни протеини и здрави маснотии – не го храни само телото, туку и ја стабилизира енергијата. Токму таа комбинација има клучна улога во спречувањето на наглите осцилации на шеќерот во крвта кои нè водат од краткотрајниот врв до уште побрзиот пад.
Амер особено ја нагласува важноста на балансираните оброци со протеини, влакна и здрави маснотии. Таа комбинација го забавува варењето и овозможува постепено ослободување на енергијата, без нагли скокови и падови. Спротивно на тоа, оброците богати со едноставни јаглехидрати можат да обезбедат краток налет на енергија, но многу брзо го оставаат чувството на исцрпеност.
Прескокнувањето на оброците дополнително ја влошува ситуацијата. Кога телото ќе остане без редовен внес на енергија, нивото на шеќер во крвта паѓа, а со тоа и концентрацијата, расположението и способноста за донесување одлуки. Не е случајно што токму тогаш се јавуваат раздразливост и желба за брза храна – телото очајно бара енергија.
Фокус на протеини
Ако ништо друго не успеете да „наредите“, внимавајте да имате доволно протеини во оброците. Тие најмногу помагаат енергијата да биде стабилна и да не дојде до оној пад и желба за благо.
Ако идејата за совршено избалансирани оброци звучи како уште една задача на и онака преполната листа со обврски, нутриционистите нудат и поедноставен пристап: фокус на протеини. Гудсон истакнува дека дури и 30 грама протеини по оброк може да направат голема разлика, особено наутро, кога телото излегува од ноќниот пост и му треба квалитетно „гориво“ за почеток на денот. Истражувањата покажуваат дека токму оброците побогати со протеини помагаат да се стабилизира нивото на шеќер во крвта и да се намали чувството на замор.
Хидратација и малку движење
Водата и кратката прошетка можат буквално да ги ресетираат енергијата и фокусот за неколку минути. Исхраната, секако, не е единствениот фактор. Модерниот начин на живот дополнително го влошува попладневниот пад на енергијата. Недостигот на сон, долготрајното седење и дехидратацијата често дејствуваат како засилувачи на заморот. Дури и благата дехидратација може да влијае врз концентрацијата и расположението, а многумина тој сигнал погрешно го толкуваат како глад или исцрпеност.
Затоа, решението не е во една волшебна навика, туку во комбинација од мали, секојдневни одлуки. Редовните оброци, нутритивно богатата храна, доволно протеини, но и доволно вода и кратките паузи за движење во текот на денот можат да направат разлика која се чувствува по неколку дена.
Фото: magnific