X
 20.07.2018 Забава

Дали знаете како настанал „Дизниленд“?

Без оглед колку години имате, „Дизниленд“ е едно од местата каде што можете да доживеете вистинска магија. „Дизниленд“ сè уште е еден од најпознатите и најпопуларни тематски паркови во светот, но дали знаете како настанал?

Во калифорнискиот град Анахејм, на 17 јули 1955 година, бил отворен тематски парк кој бил проектиран и изработен под директен надзор на основачот Волт Дизни.

Неговата идеја била едноставна, да создаде место каде што ќе можат да се забавуваат и да уживаат и возрасни и деца. Но поминале многу години пред тој сон да стане реалност.

Идејата за изградба на таков парк Дизни ја добил во 40-тите години од минатиот век кога со ќерките Дијана и Шерон посетувал различни забавни паркови. Релативно брзо го направил паркот „Мики Маус“ каде што единствената атракција било кратко возење со бротче.

Сепак, во септември 1953 година Дизни одлучи да го направи првиот тематски парк „Дизниленд“, но набрзо сфати дека нема доволно средства за таков потфат.

За да ги убеди инвеститорите во квалитетот на неговиот проект, Дизни одлучил своите идеи визуелно да им ги претстави. Затоа го вработи Рејман Херман, еден од најдобрите ликовни уметници на тоа време, кој заедно со Дизни цела недела пред состанокот со инвеститорите деноноќно работел на големата мапа која целосно го прикажувала тематскиот парк. На почетокот Рејман бил скептичен затоа што сметал дека за цртање таква мапа понудениот временски рок бил премногу краток. Сепак, Дизни успеал да го наговори да влезе во овој проект.

Откако на состанокот во Њујорк проектот ги освоил симпатиите и поддршката од инвеститорите, оваа мапа во 1954 година стана и првата слика на „Дизниленд“ што е прикажана пред пошироката јавност. Таа исто така служела и како главен промотивен материјал за „Дизниленд“ сè до отворањето на првиот тематски парк во Анахејм, Калифорнија.

Сепак, по успешната промоција, повеќегодишното проектирање и напорната работа, конечно дошол и денот на отворањето, кој е познат како „Црната недела“. Денот го добил ова име затоа што голем број од машините и атракциите, како „Месечевата ракета“, „Земјата Недојдија“ и „Слончето Дамбо и летечките слончиња“, не работеле. Тоа бил првиот и можеби единствениот пат кога Дизни ги разочарал децата. Во текот на своето постоење „Дизниленд“ имал проблеми и со хеликоптерите, кои дури двапати се срушиле, но и со присуството на многу глодачи во паркот. Возењето хеликоптери било прекинато, но проблемот со глодачите бил решен така што донеле 200 мачки кои ноќе слободно талкале низ паркот.

Сите предизвици што го следеле отворањето и постоењето на „Дизниленд“ не ја спречиле неговата експанзија на другите континенти. „Дизниленд“ станал и останал светска атракција која ги „вработува“ најпознатите цртани ликови, но и еден од најпосетените тематски паркови во светот. Податокот дека досега се продадени 84 милиони уши „Мики Маус“ оди во прилог на ова тврдење.
Подготвил: Б.Б.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Забава