„Изборот е ваш“. Тоа е пораката што ја добиле речиси 19.000 вработени во норвешката телекомуникациска компанија „Теленор“ од нивниот главен извршен директор Дигве Бреке.
Компанијата стана пример за ефективност на вработените, притоа овозможувајќи им флексибилност во работното време. Вработените сами одбираат дали ќе работат од дома и колку часови сакаат да работат во
канцелариите на компанијата. Бреке забележал зголемена продуктивност кај вработените откако им била дадена слобода да одберат како ќе работат.
Фото: Pixabay
Бавното преминување од работа во канцеларија на работа од дома веќе беше во тек низ светот и пред Ковид-19. Пандемијата ја забрза оваа транзиција. Во светот во кој сите сме поврзани преку технологијата, флексибилното работно време звучи примамливо за многумина. Со тоа би се зачувувало времето што се поминува за стигнување до канцеларијата.
Според една анкета спроведена на 2.500 работници што работат од дома, 98% од луѓето би сакале да продолжат со работа од дома барем одредени денови од неделата. Флексибилноста била примамлива за речиси една третина од испитаниците, додека 26% сметале дека е важна слободата да се работи од која било локација, а 11% сметале дека најголемата предност е поминувањето повеќе време со семејството.
Компанијата „Теленор“ била инспирирана да им понуди можност за избор на работниците од својата компанија-ќерка ДНА од Финска. ДНА има флексибилна работна култура од 2012. Според нејзиното искуство, вработените не работат во канцеларија просечно два дена во неделата. Останатите три дена ги поминуваат во канцеларија.
Фото: Pixabay
Според анкета на вработените во компанијата, флексибилноста за време на пандемијата довела до зголемување на ефикасноста и мотивацијата на вработените, иако на многу од вработените им недостигале колегите и чувството да бидат дел од тим.
Затоа, новиот пристап на „Теленор“ не е ист за сите, туку сите имаат право да одбираат како ќе работат. Во компанијата сè уште е задолжително присуство на состаноци за нови проекти и се става приоритет на дружењето помеѓу колегите и активностите за подобра тимска работа.
„Теленор“ не е единствената компанија што воведува флексибилност во работните часови. Технолошките гиганти „Твитер“ и „Сквер“ неодамна објавија дека нивните вработени ќе имаат опција да работат од дома засекогаш. Вработените во „Гугл“ и „Фејсбук“ ќе може да работат од дома до крајот на 2020.
Автор: Џони Вуд
Извор:
weforum.org