Турското Министерство за трговија казни слаткарница во летувалиштето Јаликавак кај Бодрум по објавеното видео на социјалните мрежи во кое е прикажано дека една топка сладолед чини 400 лири, односно околу 7,5 евра.
Цените во Бодрум се тема на разговор и за локалното население и за туристите секоја година, а видеото повторно ја покрена дискусијата за високите трошоци за живот и претераното зголемување на цените во туристичките одморалишта.
Краткото видео снимено во марината во Јаликавак, омилено место за одмор на милионери од целиот свет, во кое вработените ја наведуваат цената за топка сладолед од 400 лири, стана вирално на социјалните мрежи.
Граѓаните ги повикаа властите да преземат мерки против оваа нереално висока цена на сладоледот. По поплаките, Министерството за трговија објави дека против објектот е преземена административна мерка, а претераната цена е пријавена до Одборот за процена на нелојални цени.
- По излегувањето на инспекцијата, утврдено е дека објектот ги прекршил прописите - изјави Бекир Каплан, портпарол на Министерството за трговија.
Официјалните лица од Министерството нагласија дека инспекциите ќе продолжат без прекин во сите делови на Турција, особено во текот на летните месеци кога активноста на потрошувачите е висока во туристичките региони, и подвлекоа дека нема да се толерира каква било практика што ги прекршува обврските поврзани со јасното означување на цените и пропишаните тарифи.
Фото: magnific