X
 13.02.2023 Живот

Колку може да издржи човек под урнатини?

Деновиве слушаме вести за спасување луѓе од урнатините во Турција и Сирија предизвикани од разорниот земјотрес кој неодамна ги погоди двете земји. Докторката Слаѓана Антонијевиќ од Србија вели дека многу фактори влијаат врз тоа колку некоја личност може да издржи доколку се најде под урнатини.

- Медицинските тимови мора да водат сметка за безбедноста на прво место, како својата, така и за безбедноста на пожарникарите и спасувачите - изјавила таа.

Таа открива дека седум дена се максималниот временски период во кој човек може да издржи без вода, а до три седмици без храна.

- Меѓутоа, многу фактори влијаат врз тоа доколку личноста се најде под урнатини. Три фактори се одлучувачки: дали има воздух, односно кислород, дали лицето е повредено - бидејќи повредите при земјотресите се многу чести, како и дали има пристап до вода - наведува Антонијевиќ.



Освен тоа, таа додава дека клучна е и староста на лицето, како и здравствената состојба. Здравите и помлади лица имаат поголеми шанси за преживување, открива таа. Антонијевиќ додава и дека првите 72 часа по земјотресот се клучни.

Меѓутоа, доколку температурата е висока, доаѓа до побрзо потење и побрза дехидратација, па се намалуваат шансите за преживување. Кога температурите се пониски, метаболизмот се забавува, па шансите за преживување се поголеми. Доколку температурите се многу ниски, тоа може да доведе до смрзнување.

Таа посочува дека во овие ситуации нема доволно лекари и медицински сестри на самото место, па затоа е важно спасувачите да бидат обучени во укажување прва помош.

Извор: Nezavisne
Насловна фотографија: Twitter
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот