X
 20.08.2024 Живот

Оваа мала африканска држава има највисока стапка на самоубиства во светот

Искачувањето од главниот пат до домот на 79-годишната Матлоханга Молои е води низ планините кои го прават Лесото една од највисоките земји во светот. Таа има десет деца, но нејзиниот првороден син Тлоханг се самоубил кога имал само 38 години.

Лесото, држава која често се нарекува „небесно царство“, има најголема стапка на самоубиства во светот.

- Тлоханг беше добар син. Ми раскажуваше за неговите психолошки борби. Дури и на денот кога се самоуби, дојде кај мене и ми рече: „Мајко, еден ден ќе слушнеш дека се самоубив“. Неговата смрт многу ме повреди и посакувам да можеше да ми објасни што го мачи. Се плашеше да разговара за тоа со другите за да не мислат дека е слаб и дека не може да ги реши проблемите.

Според податоците на Светската здравствена организација, во Лесото секоја година има 87,5 самоубиства на 100.000 жители. Тоа е речиси 10 пати повеќе од светскиот просек, девет самоубиства на 100.000 луѓе.

Одредени невладини организации, како што е „Хелп Лесото“, се решени да ја променат оваа мрачна статистика преку овластување на младите да се грижат за своето ментално здравје.

Причините поради кои луѓето се самоубиваат често се сложени и тешко е да се изолира главната причина.

- Претежно станува збор за трауми како силување, невработеност или губење на некоја блиска личност. Или, пак, станува збор за зависници од дрога и алкохол - вели социјалниот работник Линео Рафока.

Според извештајот за светско население за 2022 година, 86 отсто од жените во Лесото доживеале родово насилство. А според податоците на Светска банка, двајца од пет млади не се ниту вработени ниту се школуваат.

- Тие не добиваат доволно поддршка од нивните семејства, пријатели или која било друга врска што ја имаат - додава Рафока.

Луѓето постојано повторуваат дека им е непријатно да зборуваат за проблемите и дека поради тоа би можеле да бидат изложени на осуда. Некои се плашат од озборувања ако откријат премногу за себе, но ситуацијата се подобрува. Меѓутоа, кога луѓето сакаат да побараат помош, наидуваат на различни тешкотии во јавниот здравствен систем.

Исто така, претходно немаше национална политика за грижа за менталното здравје, иако владата, избрана во октомври 2022 година, вели дека таа моментално е во процес на изработка.

- Проблемите со менталното здравје се на ниво на пандемија. Се обидуваме да го промовираме насекаде, од основните до средните училишта, до местата каде што се собираат младите, како фудбалските турнири. Политиката конкретно ќе го дефинира третманот и ќе обезбеди рехабилитација за оние на кои тоа им е потребно - вели Мохоту Макалањане, член на парламентот кој ја предводи парламентарната комисија за здравство.

Тој вели дека Лесото има искуство во борбата против ХИВ/СИДА од кое може многу да научи.

Лесото беше првата земја што во 2016 година воведе стратегија за „тестирање и лекување“, што значеше дека луѓето можеа да започнат со лекување веднаш штом ќе им биде дијагностицирана.

Извор: BBC
Фото: Freepik
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот