Сите можеме да се согласиме дека јапонската работна етика не може лесно да се надмине. Јапонците се познати по тоа што се едни од највредните работници во светот.
Уште од мали нозе тие се воспитувани дека се важни работата и дисциплината, така што честопати се соочуваат со грижа на совест ако не се на работа или ако зеле одмор. Друг проблем е што конкуренцијата на пазарот на трудот е прилично голема, па оттука доаѓа и желбата да се биде најдобар.
Притисокот да се биде најдобар, како и интензивните работни навики предизвикуваат стрес кај јапонските работници, па Јапонија одамна се соочува со прилично голем број на самоубиства и смрт предизвикана од премногу работење.
Но, со доаѓањето на пандемијата, во Јапонија стапката на самоубиства падна за 20 отсто, во споредба со истиот период во 2019 година. Ова е најголемиот пад во период од пет години, и покрај стравовите дека вирусот ќе предизвика зголемен стрес со оглед на тоа што голем број телефонски линии за превенција не работеле и имале недостиг на персонал.
Поминувањето повеќе време дома со семејството, како и одложувањето на почетокот на училишната година се сметаат за фактори што придонеле за намалување на стапката на самоубиства.
Фото: Pixabay
Во април, 1.455 луѓе се самоубиле во Јапонија, што е за 359 помалку отколку април 2019 година. Самоубиството е во опаѓачки тренд откако Јапонија го достигна врвот со повеќе од 34.000 самоубиства на годишно ниво во 2003 година. Минатата година бројката беше 20.000, а овогодишниот пад дојде во време кога постоеше стравување од повторен пик.
Коронавирусот во
Јапонија го достигна својот врв во средината на април со повеќе од 500 заразени дневно, поради што владата прогласи вонредна состојба на 16 април, иако ограничувањата беа помалку строги од оние на другите земји.
Мерките за седење дома се одразија на организациите за превенција од самоубиства, при што околу 40 отсто од нив или затвориле или работеле со скратено работно време.
Со почетокот на учебната година, април е период кога Јапонија забележува пораст во бројот на самоубиства меѓу децата кои често се соочуваат со булинг и други проблеми поврзани со училиштето. Но, се чини како пандемијата да спаси животи, барем привремено.
- Училиштето е огромен притисок за некои млади луѓе, но овој април тие немаа таков притисок. Дома се со своите семејства и се чувствуваат безбедно - вели Јукио Саито, поранешен шеф на телефонски услуги за советување од јапонската федерација.
Уште еден фактор што придонесува на трендот на намалување на самоубиствата е и падот на бројот на луѓето кои патуваат на работа, каде често работат долги часови.
Сепак, економските притисоци и притисокот на работа се главните фактори. Една година по азиската финансиска криза во 1997 година, Јапонија забележа рекорден пораст на самоубиства од речиси 35 отсто. И продолжената економска криза предизвикана од пандемијата може да доведе до враќање на случаите.