Со години се провлекува прашањето кој е најстрашниот филм досега? Постојат филмови што се напнати, но и филмови што се неизвесни. Секако, постојат и такви што остануваат со нас цел живот бидејќи нѐ преплашиле.
Очигледно ова е субјективен аргумент. Различни видови хорор-филмови плашат различни видови луѓе. Но, што ако навистина постои хорор-филм што може објективно да се нарече „најстрашниот филм досега“?
Веб-страницата „Broadbandchoices“, алатка за споредба на зделки за широкопојасен интернет, има одговор на ова прашање. Платформата го создаде проектот „Наука за заплашувањето“, при што ги следела отчукувањата на срцето на 50 луѓе од различни возрасти што гледале над 100 часа хорор-филмови. Потоа веб-страницата направила листа со оние што научно верува дека се најстрашните 35 филма некогаш снимени.
Тука постојат неколку ограничувачки фактори. Големината на примерокот не е репрезентативна. Плус, истражувањето било ограничено на 50 највисоко рангирани хорор-филмови според IMDb, „Ротен томејтос“ и „Редит“. Но, сепак, откри неколку интересни резултати за тоа што ги плаши луѓето и колку ги плашат хорор-филмовите.
За истражувањето, секој член на публиката бил опремен со монитор за отчукување на срцето за да се види колку се зголемиле отчукувања на срцето во текот на филмот. Еден филм излегол на врвот.
Даниле Клифорд, кој го создал истражувањето, вели дека истражувањето е дизајнирано за да им помогне на луѓето да ги пронајдат научно најстрашните филмови некогаш направени за да им заштеди време на пребарување низ илјадници наслови на стриминг-услуги како „Амазон“, „Нетфликс“ и „Шадер“.
Резултатите од истражувањето? Според отчукувањата на срцето на учесниците, ниту еден филм не ги исплашил луѓето колку „Злокобен“, (Sinister) хорор/трилер од 2012 година во кој Итан Хоук глуми писател на вистински криминални приказни и истражува низа страшни семејни убиства.
Просечната срцева фреквенција на учесниците во мирување била 65 отчукувања во минута, но за време на гледањето на овој филм срцевата фреквенција се искачила на 86 отчукувања во минута - зголемување за 32 отсто. Тоа било најголемиот пораст на отчукувања на срцето во споредба со кој било филм што го гледале учесниците во истражувањето.
Сепак, најголемиот скок од страв му припаднал на „Астрална подмолност“ (Insidious), при што срцевиот ритам на учесниците достигнал 133 отчукувања во минута. Генерално, овој филм се најде на второ место, зад „Злокобен“.
Осумте филма по „Злокобен“ и „Астрална подмолност“ што ја заокружуваат првата десетка се: „Повикување на злото“ (Тhe Conjuring), „Наследство“ (Hereditary), „Паранормална активност“ (Paranormal activity), „Тоа доаѓа“ (It follows), „Повикување на злото 2“, „Бабадук“, „Ужас од длабочините“ и „Посета“.
Неколку интересни наоди од истражувањето:
Џејмс Ван е наречен „крал на хоророт“ бидејќи е режисер на три различни
хорор-филма што се најдоа меѓу првите десет.
Современите хорор-филмови се подобри од класиците. Додека филмовите како „Егзорцист“, „Кошмар на улицата на брестовите“ и „Масакр со моторна пила во Тексас“ може да се сметаат за подобри хорор-филмови, тие не ги исплашиле учесниците во истражувањето толку колку современите филмови.
„Аудиција“ беше прогласен за најстрашниот хорор-филм од неанглиско говорно подрачје.
Фото:
Science of Scare Project /broadbandchoices
Фото: Screenshot/YouTube