Предизвик е да се најде место за зелена површина во многу големи градови, па така и во центарот на Сингапур. Меѓутоа, потребно е малку креативност за да се реши и овој проблем.
Кулата „Капита спринг“ има стаклена и алуминиумска фасада која открива билки и дрвја што растат на стотици метри над земјата. Минувачите или работниците во зградата може со лифт да стигнат до таканаречената „зелена оаза“, каде што има градина, вежбалница и уреди за вежбање, клупи, столови и друго. Сето тоа е сместено на четири ката на врвот на зградата.
Со 280 метри, кулата е еден од највисоките облакодери во Сингапур. Таа е во сопственост на компанијата за изградба на недвижности „Капиталленд“ и „Мицубиши естејт“.
Дел од „зелените“ катови на кулата се отворени за јавноста. На последниот кат од зградата, посетителите може да прошетаат низ фарма во која се одгледуваат овошје и зеленчук за рестораните во зградата. Се проценува дека се произведуваат 70-100 килограми храна месечно на оваа фарма.
Зградата, која има 51 кат, има и 80.000 стебла и растенија на површина од околу 3.000 квадратни метри.
Извор:
Ekapija
Насловна фотографија:
CapitaLand