X
 07.07.2019 Живот

На Сингапур му треба песок, но соседите не сакаат да му продадат

На Сингапур му треба многу песок. Малата островска нација, свесна за тоа колку е мала, долго време земаше почва од морското дно за да се прошири. Откако стана независна нација пред 54 години, физичката големина на оваа земја се зголеми за речиси една четвртина, од 580 квадратни километри на нешто помалку од 725 квадратни километри, а планира и понатаму да се шири до речиси 776 квадратни километри до 2030 година.

Сето тоа бара големи количини на песок, кои Сингапур традиционално ги увезуваше од соседните земји. Како што истакна еден архитект, потребата на Сингапур за песок е еден вид оригинален долг: за да може територијалната држава да преживее, постојано мора да се додава земја.

Но, тој комодитет станува сè потежок за остварување. Неодамна се појавија вести дека Малезија забранила извоз на морска песок. Забраната наводно била воведена минатиот октомври, но не била објавувана поради потенцијалот за дипломатски последици.

Во светот екстракцијата на песок ги надминува нивоата до кои може да биде надоместена, покажува неодамнешен извештај на ОН, оштетувајќи ги чувствителните екосистеми, забрзувајќи ја ерозијата и влошувајќи ја фреквентноста и штетноста и на поплавите и на сушите.

Засега Малезија е најголемиот извор на песок за Сингапур. Според ОН, Сингапур лани увезол 64 милиони тони песок од Малезија, што е 97 отсто од вкупниот увоз. Малезија истакна дека забраната за извоз е мотивирана од еколошките грижи и потреба за превенција на илегалното шверцување на песок.

Но, извори од малезиската влада истакнале дека премиерот Махатир Мохамад не бил среќен што неговата земја му помага на најбогатиот сосед да расте. И уште од 2000 имаше стравови дека извезувањето на песок е игра во која добивката на Сингапур е загуба за Малезија.

Пред две години и Камбоџа реши да го прекине извезувањето на песок во Сингапур. Официјалната причина на Индонезија за воведување слична забрана во 2007 година исто така беше еколошка заштита, но некои веруваа дека е политички мотивирана и искористена како сила во преговорите за договор за екстрадиција. Сепак, илегалната екстракција на песок продолжи и покрај забраната и копањето е закана за постоењето на околу 80 индонезиски острови. 24 индонезиски острови наводно веќе исчезнале како резултат на извозот на песок.

Со забраната на Малезија, Сингапур ќе мора да се сврти кон други земји како Мјанмар, Бангладеш и Филипините, иако тие претставуваат само дел од она што Малезија го набавуваше.

Или можеби ќе треба да погледне подалеку. Како што сè повисоките температури ги топат глечерите на Гренланд, на бреговите останува повеќе песок, кал и друг седимент. Група истражувачи веруваат дека тоа е потенцијално профитабилна можност за арктичката нација: може да извезува вишок песок на земјите каде што има голема побарувачка. Но, и цената на преносот на песокот во светот може да биде бариера. Засега истражувачите само ги проучуваат изводливоста и еколошките ефекти на идејата.

Фото: Freepik
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот