Сингапур спаѓа во земјите со најстроги антипушачки закони, па поради тоа, сингапурската влада на улиците постави кабини за луѓето што пушат. Кабините на пушачите им овозможуваат приватно место за пушење, додека непушачите ги држат настрана од штетниот чад.
Освен тоа, кабините го трансформираат чадот од цигарите во чист воздух.
- Нашиот план е да се постават 60 кабини за пушење низ целиот остров до крајот на годината - изјави Стифен Чо, кој ги создал овие кабини.
За да бидат енергетски поефикасни, температурата во кабините е од 25 до 27 степени, а клима-уредите се исклучуваат од 22 до 6 часот наутро.
Чо одлучил да ја предложи оваа идеја откако наишол на затворени стаклени кабини во „Смоук солушн“, данска компанија што произведува кабини за пушење и системи за филтрирање што се користат во земји како Дубаи, Јапонија, Кувајт и Данска.
- Татко сум на две деца и имало многу пригоди кога на моето семејство му било непријатно поради присуството на чад од цигари - вели Чо.
Како работи кабината за пушење?
Постојат три филтри за отстранување на честичките од чадот. Користејќи го системот за филтрирање направен од „Смоук солушн“, кабината е опремена со центрифугален вентилатор што го шмука чадот од цигарите во неговиот систем. Потоа чадот се пренесува преку три различни филтри за воздух: првиот филтер е наречен „Префилтер“, кој ги отстранува големите честички на прав, вториот ХЕПА-филтер дејствува како Н95 маска за отстранување микрони, додека третиот филтер е активен јаглен што ги отстранува мирисите и хемикалиите на тутунот.
За да троши помалку енергија, се активира системот за филтрирање на воздухот. Откако пушачот ќе ја напушти кабината, филтерот за воздух продолжува да го филтрира воздухот во кабината 15 минути пред деактивирањето.
Освен тоа, светлата во кабината се исклучуваат ако не се детектира движење во период од 10 минути.
Огноотпорни пепелници
Двата пепелници во кабините можат да задржат до 3.500 догорчиња, па затоа не треба да се празнат на дневно ниво. Наместо кислород, пепелниците содржат јаглероден диоксид, густ воздух што веднаш ја гаси запалената цигара што се фрла, намалувајќи ги шансите за опасност од пожар.
Но, пушачите не се воодушевени од ова решение.
- Задушливо е. Клаустрофобично и тесно. Освен тоа, внатре се чувствувам како граѓанин од втора класа. Нема столче, не ми е удобно да пушам бидејќи кабините се мали - вели еден пушач.
Пушењето на јавни места во
Сингапур се казнува и парично со 1.000 сингапурски долари (околу 680 евра). Забраната опфаќа и електронски цигари. Првите антипушачки закони Сингапур ги вовел во 70-тите години на 20 век, а оттогаш законите станувале сè построги. Пушењето денес е забрането и околу станбените згради и во приватните автомобили.